Арсовска: Инспектор од МВР фатен како прави див приклучок за вода, нападна советничка на Град Скопје

„На последниот случај на фатен како прави див приклучок (на вода), сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, реагира градоначалничката Данела Арсовска, објавувајќи и видео.

Таа преку социјалните мрежи реагира за големите потрошувачки на вода, потенцирајќи дека водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, туку извира од природата.

„Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат. Секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува“, стои во објавата.

Пред неколку денови, Град Скопје објави дека е фатен див приклучок на вода во Сарај, каде сторител незаконски се приклучил на мрежата за питка вода за да си ги наводнува пластениците.

Меѓувремено, Скопје се соочува со слаб притисок на вода. Жителите на населбата Водно два дена немаат вода, а без вода остана и претседателската резиденција на Водно.

„Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е рекордни 356.000 кубни метри на ден, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител“, соопштија од Град Скопје.