Аријана Коскарова со награда за жена-претприемач на форумот во Давос

Аријана Коскарова, основачката на центарот „Creative hub“, доби награда за жени претприемачи на најголемиот политичко-економски настан во светот, Светскиот економски форум во Давос, кој заврши во петокот.

Коскарова, која лани се најде на листата на Форбс „30 под 30“ за млади претприемачи, беше дел од панелот за жени претприемачи на технолошкиот парк во склоп на форумот.

„Особено ми е драго што најпрво Македонија имаше спикер на Технолошкиот парк во склоп на Светскиот економски форум. Покрај најуспешните луѓе во светот имате и млади претприемачи жени од Македонија што е доволен пример дека ние го менуваме светот. На Форумот зборувавме за женска економија, за интегрирање на жената во бизнис светот, за поддршката меѓусебна преку асоцијации, мрежи на контакти, за формирање на фондови каде жени инвестираат во жени, а истиот ден токму од Давос, најголемата банка Голдман Сакс најави дека нема да инвестира во компании доколку во бордовите нема ниту една жена. Како жени мораме меѓусебно да си помагаме, да учиме од примерите, да бидеме подобри и да помагаме и на други да развијат претприемачки кариери“, вели Коскарова по добивање на наградата.