Аргентина издаде лични карти за небинарни лица

Лицата во Аргентина кои се идентификуваат како небинарни, односно не се идентификуваат ниту како маж, ниту како жена, отсега ќе може да користат „Х“ во полето за родот во своите лични карти, пренесува „DW“.

Со овој потег, Аргентина станува првата држава во Јужна Америка која официјално ги признава небинарните лица.

Аргентинската централно-левичарска влада изјавила дека се придружува на државите како Нов Зеланд, Канада и Австралија.

Според објава во државниот службен весник, апликациите на аргентинските лични карти ќе вклучуваат повеќе родови опции, односно небинарен, недефиниран и неспецифициран.

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез ги предаде првите три лични карти со назнаката „Х“ на официјална церемонија.

„Државата не треба да се грижи за родот на своите граѓани. Постојат други идентитети освен маж и жена кои треба да се почитувани“, изјавил тој.

Фернандез кој јавно дава поддршка на својот син кој е дрег-кралица, е познат адвокат за родова и сексуална еднаквост.

Аргентинската ЛГБТИ+ федерација ја поздравила одлуката.

„Иако употребата на „Х“ не е комплетно инклузивно решение во препознавањето на различните постоечки идентитети, ова е многу важен чекор кон реална еднаквост“, изјавиле од Федерацијата.

Аргентина е една од најпрогресивните земји во регионот кога станува збор за општествени права. Во 2010 година државата ги легализираше истополовите бракови, а само две години подоцна Аргентина легализираше и промена на пол.

Во јуни годинава, државата отвори квота преку која 1 отсто од работните места во државниот сектор се резервирани за транс лица.