Апел до Институтот за македонски јазик да го стави онлајн новиот Правопис

Здружението Метаморфозис и Алијансата за отворени образовни ресурси упатија јавен апел до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје да го направи достапен на интернет новиот Правопис на македонскиот јазик.

Правописот беше промовиран пред две седмици и е достапен за продажба во печатена верзија, по цена која во моментов изнесува 1500 денари.

„Со оглед на тоа дека се работи за образовно средство изработено со јавни пари, постои одлична основа истото издание да биде достапно до целата јавност во дигитална форма, преку интернет во форма на отворен образовен ресурс. Апелираме до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да овозможи пристап до Правописот во дигитална форма бесплатно како отворен образовен ресурс за сите граѓани на Македонија – кои како даночни обврзници веќе имаат платено за овој труд, а и луѓето од целиот свет кои се заинтересирани за правописот на македонскиот јазик“, стои во апелот на „Метаморфозис“.

Отворени образовни ресурси (ООР), се образовни средства и содржини кои се слободни за употреба. Тоа се образовни алатки кои се бесплатни и можат без никаков надомест да се користат во едукативни и истражувачки цели. Покрај тоа, ООР се слободни и за дистрибуција врз претходно дефинирани авторски и сопственички права кои промовираат слободна дистрибуција и го овозможуваат умножувањето на овие алатки. Отвореното образование е светско движење кое влијае на создавање на политики во ЕУ чијашто цел е да стимулираат висококвалитетни, иновациски начини на учење и настава преку дигиталните технологии и содржини, со мерки на ниво на ЕУ и на национално ниво, на пр. поддршка за институциите за учење, наставниците и учениците од сите возрасти во стекнувањето дигитални вештини, со воведување на нови методи за учење.