Компромис меѓу традицијата и современото време – Ново издание на Правописот

По две децении од последните измени, во НУБ „Свети Климент Охридски“ беше промовирано новото, дополнето и изменето издание на Правописот на македонскиот јазик.

Како што посочија од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во проектот се вклучени 48 соработници, универзитетски професори од Институтот за македонски јазик, од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од МАНУ и од други сродни институции.

„Создадовме еден Правопис кој од една страна ѝ остана верен на традицијата, а од друга, понуди нови решенија кои ги бараше актуелното современо живеење“, истакна д-р Елка Јачева-Улчар, советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и дел од редакцијата, која им се заблагодари на сите соработници што изминатите две години работеа на новото издание.

Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет посочи дека во новиот правопис се нудат решенија и се даваат конкретни предлози за бројните јазични дилеми меѓу македонистите.

„Она што мора да го сфатиме е дека и толковниот речник и правописот и сите овие капитални изданија, во суштина се само една отворена книга затоа што обврската на македонистите е јазикот да не го конзервираме, затоа што на тој начин ниту ги следиме стапките на Крсте Мисирков ниту на Блаже Конески. Ако сакаме да покажеме дека јазикот е жив, треба да го следиме и слушаме духот на народот што го говори. Само така ќе имаме современ јазик“, истакна Велева.

Во текот на своето обраќање, академик Витомир Митевски издвои дел од новите решенија во правописот, како употребата на именките госпоѓа и госпоѓица и неутралната кратенка г-а, и забележа дека има измени при транскрипцијата на латиничните букви, но и конкретни предлози за изведенки од географските поими. Новиот правопис е неопходен за секој писмен човек, истакна тој.

„Со овој прирачник нашите лектори добија ново оружје со кое ќе ги бранат стандардите на македонскиот јазик, правопис и правоговор. Такво модерно оружје им е неопходно бидејќи многумина од нас, што пишуваме на македонски, влегуваме во расправи околу некои конкретни правописни дилеми. Сите сме свесни дека јазикот, а и правилата на Правописот не се непроменливи бидејќи се дел од еден развоен процес. Сепак, мора да имаме на ум дека и покрај минливоста и несовршеноста на овој свет, треба да создаваме и почитуваме правила, макар и со ограничен рок на траење“, рече Митевски.

На промоцијата се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека Правописот е потврда за писмената традиција на македонската почва, која си најде конечна форма со донесувањето на Правописот на македонскиот јазик во 1945 година.

Оттогаш во него се направени неколку измени во 1950, 1970 и 1998 година. Промоторите се согласија дека не треба да се чека уште толку долго за ново подновување на Правописот, во духот на македонскиот јазик.

Ј.Ј.