Антивладините демонстрации во Иран се шират, на протестите се приклучија и работници од нафтениот сектор

Иранските безбедносни сили го засилија задушувањето на антивладините протести во неколку курдски градови, додека демонстрациите на други места во Иран се проширија во виталниот енергетски сектор во земјата, првенствено нафтените фабрики, пренесува српски Евроњуз.

Додека студентите одиграа клучна улога во протестите со тоа што десетици универзитети беа во штрајк, непотврдените извештаи на социјалните мрежи укажуваат дека работниците во нафтените рафинерии Абадан и Канган, како и во петрохемискиот проект Бушер, исто така им се приклучиле.

„Со американските санкции наметнати на извозот на нафта од Иран поради нуклеарната програма на земјата, големите и постојани штрајкови меѓу енергетските работници би можеле да ја доведат Исламската Република на колена“, рече аналитичарот Карим Саџадпур, висок соработник во Фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“.

Тој додаде дека Иран е помалку зависен од нафтата отколку во 1978 година, но дека извозот на енергија и понатаму е крвотокот на економијата.

Се наведува дека Кина, најголемиот купувач на нафта во Иран, е една од ретките земји што продолжува да работи со Иран и покрај санкциите, но штрајкот на нафтените работници, експертите велат дека може да значи дека нема да има нафта за извоз.

Протестите го зафатија Иран откако 22-годишната девојка Махша Амини почина на 16 септември додека беше во притвор поради „несоодветна облека“, откако беше приведена од иранската полиција за морал.