Антикорупциска го запре предметот за изборот на ректор на УКИМ

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница изгласа да го запре предметот отворен по сопствена иницијатива, за изборите за нов ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Предметот бил отворен пред 5 дена поради постоење на сомнежи за прекршување на членот 8-а, став (1) алинеја 3 од Изборниот законик и член 34 став 1, алинеја 3, од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во постапката за избор на ректор на Универзитетот, кои до нив стигнале од средствата за јавно информирање.

Но, Комисијата реши да го запре предметот откако членовите не успеале писмената уредба уредно да ја достават до ректорот бидејќи Ректоратот не работи заради состојбата со Ковид-19.

Оттаму образложуваат дека во рок од 24 часа од отворањето на предметот тие се обврзани да се обратат до институцијата, односно лицето на кое се однесуваат сомнежите и да побараат изјаснување со тоа што на лицето или институцијата им се дава до знаење дека треба во рок од три дена да дадат објаснување и се повикуваат на јавна седница да ја одржат во рок од 5 дена.

„Иако во предвидениот рок беше изготвено писмено известување и се направи обид да се достави до Ректоратот и до ректорот, ние не успеавме да го доставиме. Беше отидено на лице место, но Ректоратот беше затворен со образложение дека не работат поради условите создадени со коронавирусот. Со необезбедувањето на уредна достава не можеме да го обезбедиме еден од основните елементи на ова постапување, а тоа е контрадикторноста на постапката“, рекоа членовите за време на денешната седница, додавајќи дека постапувањето во врска со наведените сомневања ќе продолжи како редовна постапка.

На изборите за ректор на УКИМ кои се одржаа на 26 јуни, беше реизбран досегашниот ректор Никола Јанкуловски од Медицински факултет, кој доби нов тригодишен мандат.

Изборите беа проследени со бројни реакции од дел од кандидатите и Независниот академски синдикат, кои го обвинуваа Јанкуловски дека се одвиваат во време на вонредна состојба и во период кога се распишани парламентарни избори.

Професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски се дел од кандидатите кои ден пред закажаните избори ги ставија своите кандидатури во мирување и се откажаа од трката, бидејќи како што изјавија постапката се спроведувала во необјективна, нетранспарентна и нефер процедура.