[Анализа] Партиите повикуваат на излезност – граѓаните во апатија, каква порака пратија над 53.000 гласачи

Во пресрет на вториот круг од локалните избори в недела на 2 ноември, познавачите велат дека не е исклучено да се случи уште пониска излезност во однос на првиот круг. Дополнителен феномен на изборите се и неважечките ливчиња, дури 53.713, тоа е бројка на гласови поголем од оној што го освоија некои од партиите, пишува Порталб.мк. На овие избори бројот на неважечки ливчиња беше за трипати поголем од оној на локалните избори во 2021 година.

Очекувања: Послаба излезност на македонскиот електорат, без промена во албанскиот блок

Во четири општини Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа, меѓу нив за првпат и една поголема, Гостивар, не беше исполнет минималниот цензус од 33,3 отсто излезност за успешен изборен ден, додека излезноста на ниво на државата беше 46,48 отсто. Изборните резултати од првиот круг на локалните избори 2025 година кријат два феномени, едниот е историски најниската излезност и вториот е висок број на неважечки ливчиња. Според ДИК, секое 16 гласачко ливче било неважечко, а само во Град Скопје биле регистрирани скоро 12.300 неважечки ливчиња.

„Имаме рекордна ниска излезност, првпат таа е под 50 отсто, втор момент важен за првиот круг, а ја потврдува разочараноста на електоратот, се над 53.000 неважечки ливчиња. Мислам дека има уште еден феномен, а тоа е дека првпат кај етничките Македонци е забележана помала излезност во однос на одзивот на етничките Албанци. Има повеќе причини за ваквите трендови. Изборната битка во условно речено албанскиот блок беше поинтересна и подинамична, за разлика од македонскиот. Од друга страна ниската излезност и неважечките ливчиња покажуваат дека граѓаните се презаситени од избори кои ги имаме нонстоп повеќе од една деценија. Потоа тука е и недовербата на граѓаните во институциите и во политичките партии“, вели Џелал Хоџиќ, претседател на СДА.

Политичките партии чии кандидати ќе излезат на изборниот мегдан и во вториот круг веќе ги повикуваат граѓаните да излезат и да гласаат.

Во пресрет на вториот круг веќе се во тек и меѓупартиските преговори за тоа кој кому ќе ги „отстапи“ освоените гласови во првиот круг. И покрај ваквата вообичаена „прагма“ во државата, тоа не значи и дека граѓаните ќе го слушнат гласот на политичарите, особено што повеќе од половина од гласачите останаа дома уште во првиот круг.

„Јасно е дека има апатија, тоа е многу негативна појава за вкупната демократија, но причините мора да се анализираат. Очекувам дека во вториот круг ќе има уште пониска излезност, помал број на кандидати, помал број на општини… Граѓаните пратија порака дека не веруваат во политичарите и дека не веруваат оти нивниот глас ќе смени нешто“, вели Хоџиќ.

Порталб уште во пресрет на првиот круг од гласањето ја отвори темата за излезноста и нејзината важност за легитимитетот на идните градоначалници и советници. На првиот круг од локалните избори 2021година излезноста изнесуваше 50,57 отсто со само 19.127 неважечки ливчиња, што е за скоро 3 пати помалку во однос на бројот на неважечки ливчиња на првиот круг од годинешните локални избори.

На вториот круг од локалните избори 2021 година одзивот изнесуваше 50,69 отсто со само 2.069 неважечки ливчиња. Историски, ова се првите избори на кои одзивот на гласачите бил помал од 50 отсто. Според Изборниот законик за успешност на првиот круг е потребен цензус од 33,3 отсто, но за вториот нема минимална граница, што значи дека општините ќе добијат градоначалник без разлика на бројот на граѓани кои ќе излезат да го дадат својот глас.