Американски градови се подготвуваат за нови протести, делови од Лос Анџелес ставени под полициски час

Неколку американски градови се подготвија за протести против широките имиграциски рации на претседателот Доналд Трамп, додека делови од вториот најголем град во земјата, Лос Анџелес, ја поминаа ноќта под полициски час во обид да се смири петдневниот немир, пренесува агенцијата Ројтерс.

Гувернерот на Тексас, републиканецот Грег Абот, изјави дека ќе ја распореди Националната гарда оваа недела, пред планираните протести. Демонстранти и полиција се судрија во Остин во понеделникот.

Вонредните мерки на Трамп, кој испрати Национална гарда и маринци за да ги смири протестите во Лос Анџелес, предизвикаа национална дебата за користењето војска на американско тло и го спротивставија републиканскиот претседател со демократскиот гувернер на Калифорнија.

„Ова дрско злоупотребување на власта од актуелен претседател го разгоре веќе запаливото опкружување, ставајќи ги во ризик нашите граѓани, нашите полицајци, па дури и Националната гарда. Тогаш започна спиралата надолу“, изјави гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, во вчерашното видео обраќање.

„Тој повторно избра ескалација. Избра повеќе сила. Избра театар наместо јавна безбедност. … Демократијата е под напад“, дополни тој.

Њусом, кој многумина го гледаат како потенцијален кандидат за претседателските избори во 2028 година, заедно со сојузната држава Калифорнија поднесе тужба против Трамп и Министерството за одбрана во понеделникот, барајќи да се блокира распоредувањето на федералните трупи. Трамп, пак, предложи дека Њусом треба да биде уапсен.

Стотици американски маринци пристигнаа во областа на Лос Анџелес во вторникот по наредба на Трамп, откако тој нареди и распоредување на 4.000 припадници на Националната гарда во градот. Маринците и Националната гарда треба да бидат користени за заштита на владини службеници и објекти, а не за полициски дејствија.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека распоредувањата не биле потребни, бидејќи полицијата може да ги контролира протестите, кои во поголем дел биле мирни и ограничени на околу пет улици.

Сепак, поради грабежи и насилства во текот на ноќта, таа воведе полициски час во центарот на градот, во површина од еден квадратен милја, почнувајќи од вторник навечер. Полицискиот час ќе трае неколку дена.

Полицијата соопшти дека повеќе групи останале на улиците во одредени области и покрај полицискиот час, поради што биле извршени „масовни апсења“. Полицијата претходно изјави дека во вторник биле уапсени 197 лица – што е повеќе од двојно од вкупниот број на апсени дотогаш.

Демократските лидери изразија загриженост поради националната криза што настанала како најинтензивна точка во напорите на администрацијата на Трамп да депортира мигранти кои престојуваат незаконски во земјата, а потоа и да се пресмета со противниците кои протестираат на улиците.

Трамп, кој минатата година повторно беше избран за претседател, главно поради неговото ветување дека ќе ги депортира недокументираните имигранти, го искористи говорот во чест на војниците во вторникот за да ја одбрани својата одлука.

Тој им се обрати на војниците во воената база Форт Браг, Северна Каролина: „Генерации херои од армијата не ја пролеваа својата крв на далечни брегови за да гледаат како нашата земја се уништува од инвазија и безредие налик на третиот свет“.

„Целосен напад“

„Она што го гледате во Калифорнија е целосен напад врз мирот, јавниот ред и националниот суверенитет, извршен од страна на бунтовници кои носат странски знамиња“, изјави Трамп, додавајќи дека неговата администрација ќе го „ослободи Лос Анџелес“.

Демонстрантите мавтаа со знамиња на Мексико и други земји во знак на солидарност со мигрантите кои беа опфатени со серија на се поинтензивни рации.

Одделот за домашна безбедност соопшти во понеделникот дека неговата агенција за заштита на границите ИЦЕ (Имиграција и царина на САД) неодамна уапсила по 2.000 имиграциски прекршители дневно — далеку над просекот од 311 дневно во фискалната 2024 година под претходниот претседател Џо Бајден.

Протести се одржаа и во други градови, вклучувајќи ги Њујорк, Атланта и Чикаго, каде демонстрантите извикуваа пароли и влегуваа во конфликти со полицијата. Некои демонстранти се искачија на скулптурата на Пикасо на плоштадот Дејли, додека други скандираа дека ИЦЕ треба да се укине.

Гувернерот на Тексас, Абот, доцна во вторникот изјави дека ќе ја распореди Националната гарда, која „ќе ги користи сите алатки и стратегии за да и помогне на полицијата да го одржи редот“.

„Националната гарда на Тексас ќе биде распоредена низ целата сојузна држава за да се обезбедат мир и ред. Мирниот протест е легален. Повредување на луѓе или уништување имот е нелегално и ќе доведе до апсење“, напиша Абот на мрежата X.

Организации од Јужен Тексас, според локални медиуми кои ги цитира CNN, планираат антиимиграциски протести во среда и сабота.

Околу 700 маринци во вторникот беа сместени во подготовна зона во областа Сил Бич, околу 50 км јужно од Лос Анџелес, чекајќи распоредување на конкретни локации, изјави американски функционер.

Правобранителот на Калифорнија, Роб Бонта, за Ројтерс изјави дека државата е загрижена поради дозволата федералните трупи да обезбедуваат персонал, нагласувајќи дека постои ризик од прекршување на законот од 1878 година кој генерално забранува учество на американската војска, вклучувајќи ја и Националната гарда, во спроведување на цивилна власт.

„Обезбедување персонал веројатно значи придружба на ИЦЕ агенти во заедници и населби, а ‘обезбедување функции’ може да значи заштита на функцијата на ИЦЕ за спроведување на имиграцискиот закон“, рече Бонта.

Американската имиграциона и царинска служба во вторникот објави фотографии на X од припадници на Националната гарда како придружуваат ИЦЕ агенти за време на рација. Официјални лица од администрацијата на Трамп ветија дека ќе ги зголемат имиграциските рации како одговор на протестите на улиците.

Последен пат кога војската била користена за директна полициска акција под Законот за востание (Insurrection Act) беше во 1992 година, кога тогашниот гувернер на Калифорнија побара помош од претседателот Џорџ Х.В. Буш во одговор на немирите во Лос Анџелес по ослободувањето на полицајците кои го претепаа Афроамериканецот Родни Кинг.