Алокација на средства и онлајн четови – нови предлог мерки на Националната мрежа за насилство врз жените и семејно насилство

СОС линиите за пријавување насилство, МВР и Центарот за социјална работа (ЦСР), како и граѓанските организации и нивните линии за помош и поддршка да работат преку онлајн чатови, СМС пораки и на телефоните 193 и 194, но и да се обезбеди средства за исплата на издршка за децата во случаи кога не може да се наплати од другиот родител поради невработеност, се само дел од предлог мерките на кои повикува Националната мрежа за насилство врз жените и семејно насилство.

Откако МВР одговори на барањето на Мрежата и информираше дека граѓаните кои сакаат да пријават кривично дело тоа треба да го сторат на телефонскиот број 192 или во најблиската полициска станица без посебна дозвола, од Националната мрежа предложуваат дополнителни мерки за заштита на жените и децата. Тие сметаат дека со нивно итно донесување ќе се овозможи заштита на жртвите на семејно насилство во услови на оваа криза, но и ќе го подготви системот на заштита за постапување при случаи на семејно насилство по завршување на кризата.

„Националните и локалните телевизии, како и другите видови на медиуми редовно да ги објавуваат броевите за пријавување, за сите градови каде што има сервиси и Центри за социјална работа и да ги објават безбедносните насоки за жртвите како да се заштитат во своите домови, како да направат стратегија за напуштање и да се објавуваат броевите и сервисите за помош и поддршка од семејно насилство, со потсетување за зголемен ризик од насилство врз жени и деца во услови на оваа криза“, предлагаат од Мрежата.

Оттаму велат дека насоките за пријавување насилство и барање помош и поддршка треба да се објават на веб страната каде се објавуваат сите податоци, мерки и насоки поврзани со Ковид-19 и кризната состојба. Мерките за полициски час и останување во домот треба да прават исклучоци за сторителите на семејно насилство кои, во услови на ваква вонредна состојба, мора да се отстранат од домот и да бидат приведени, притворени или сместени на друга локација, истакнуваат од Мрежата.

„Фармацевтите и вработените во маркетите треба да располагаат со информации за пријавување насилство кои може да ги споделат со жртвите доколку се сами,  доколку не се, потребно е да се размисли за шифра со која жртвата ќе може да побара помош во аптеките за потоа фармацевтот да може да ги запише податоците на жртвата и да упати полициска екипа на терен“, посочуваат тие.

Од Мрежата повикуваат да се подготват безбедносни насоки и планови за бегство кои на жртвите ќе им помогнат полесно да ја напуштат насилната средина и да побараат помош, или да се заштитат од идно насилство во домот доколку не можат да го напуштат сторителот, меѓутоа предупредуваат дека овие насоки не треба да се промовираат јавно, бидејќи тие може да стигнат до сторителите.

Оттаму бараат Министерство за труд и социјална политика во соработка со Министерство за здравство да развие протоколи за безбедно сместување на жени жртви на насилство и нивните деца, согласно препораките за заштита од Ковид-19 и да објави броеви за пријава на семејно насилство кои ќе бидат функционални безпрекин, посебно за секој град каде има центар за социјална работа.

„Броевите за пријавување, помош и поддршка од семејно насилство и насилство врз деца да се објават од сите општини на локално ниво, а општините активно да учествуваат во упатување на жртвите до релевантните институции и обезбедување на поддршка за жртвите. Министерство за внатрешни работи и Министерство за труд и социјална политика на неделно ниво да објавуваат статистика за бројот на пријавени случаи на семејно насилство, поделена по градови и пол на жртва“, апелираат од Мрежата.

Во однос на начинот на одржување на контакти на децата со родителот со кој не живеат во семејства каде има предходно пријавено семејно насилство и има изречени привремени мерки за заштита, а нема можност за заемно договарање на родителите, од Мрежата сметаат дека динамиката на видување треба да се промени со цел намалување на контактот на насилникот со жртвата и превенирање на идно насилство, а во насока на заштита на детето/цата и родителот со кој живеат.

Оттаму дополнуваат дека промената треба да ја направи надлежниот центар за социјални работи по барање на родителот со кој живее /ат детето/цата по електронски пат и со телефонско известување се до завршување на вонредните мерки од Ковид-19. Дополнително, апелираат во новите пријави за семејно насилство да не се дозволи гледање на насилникот со децата, повторно со цел да се намали ризикот од насилство кон жртвата, сметаат тие.