„Алармантен собир на граѓани“ денес кај браната Иловица

„Младите на Штука-Иловица против рудникот“ денеска (28 јуни) од 17 часот иницираат „Алармантен собир на граѓани“ кај браната Иловица.

Од иницијативата повикуваат да им придружат на собирот на граѓани од селата Штука и Иловица, на кој ќе го изразат револтот против одлуката на Управен суд за прифаќање на жалбата поднесена од, како што велат, самопрогласениот концесионер на прекрасната планина Огражден.

„Народот е гневен, народот е спремен да ја земе правдата во свои раце! Драги пријатели, граѓаните на Штука и Иловица одлучија во Недела да излезат на собир за да порачат на институциите посебно на Виш Управен суд да не се поигрува со нашите судбини, во спротивно ќе ја превземеме правдата во свои раце. Виш Управен суд, судии, слушнете го народот кој живее овде! Овде живее народ кој е подготвен да го брани својот дом на секој можен начин!“, стои во најавата за собирот.

Од иницијативата велат дека нема да дозволат Огражден да биде уништен, а уште помалку здравјето и нивната егзистенција.

„Рудник не дозволуваме! Рудник нема да има! Макар и со жив ѕид да бидеме приморани да ги запреме машините на странските профитери! Пријатели, имаме само еден живот, да не дозволиме да ни го одземат за профитот на капиталистите странски и нивните бездушни алчни желби! Затоа ве повикуваме сите да ги оставиме обврските накратко во Недела и да испратиме моќна и сериозна порака до институциите! Рудник не дозволуваме во нашето опкружување! Рудник нема да има! Моќта е во народот! Народот одлучува! Избираме живот наспроти пари!“, соопштуваат од иницијативата.

Напоменуваат за сите присутни да ги почитуваат мерките за држење социјална дистанца и да носат на заштитна маска и ракавици.

Инаку, како што пишуваше Радио МОФ, „Младите од Штука-Иловица“ сметаат дека оваа борба е борба за своите права, односно, велат тие, никакви други цели и намери освен да се зачува природата и правото да се живее во здрава животна средина.

„Младите на Иловица-Штука против рудникот“: Ќе се бориме до крај, ова е борба за своите права