„Акварели“ – изложба на Илија Маџаров во КИЦ

Насловена „Акварели“, изложбата на ликовниот уметник Илија Маџаров ќе биде отворена утре, на 6 септември, во Културно информатичкиот центар.

Со почеток во 20 часот, изложбата ќе претстави дела, за кои уметникот Никола Пијанманов вели дека рентгенски ги созерцуваат појавите и објектите во светот.

„Мотивите во сликите на Маџаров нé тераат уште еднаш да ги погледнеме нештата во нивното реално бивствување. Уште еднаш тенките и нежни тополи кои треперат над водата, уште еднаш самракот над градот, птицата на дрвото, парчето овошје на столот. Сликарскиот ракопис на Илија Маџаров е спонтан, како скицник или интимен дневник во кој брзо ги запишуваме своите мисли. Тука нема системи и идеи за монументални и епски композиции“, пишува Пијанманов.