„Активно учество наспроти банално критизерство“ – млади покренаа нова културна иницијатива

„Овде е Добро“ е серија од музички настани и видеа на социјални мрежи посветени на независната музичката сцена и на активната младина. Организатори се Сонична Младина на Македонија, кои имаат идеја да поттикнат размислување и дискусија помеѓу младите, за нивниот ангажман во социјалниот, културниот, економскиот, но и политички живот на земјава.

„Активно учество наспроти банално критизерство. Тоа е порака што ја испраќаме и воедно објавуваме што ние правиме за да ни биде овде добро. Правиме музички настан со сјајна програма и музички имиња што во последниве години буквално ја одржуваат музичката сцена и атмосферата на овие простори“, стои во соопштението.

Најавените настани ја слават музиката, а со краткиот филм претставени се млади индивидуалци кои се „фрлени“ на самоорганизација и активна борба за задоволување на потребите, наместо очекување некој друг тоа да го стори тоа за нив.

„Воедно е обид за културно движење што ќе се занимава со лоцирање на проблемите од кои произлегува популарното незадоволство, но ќе има своја цел, преку отворен разговор и фактички дела да се пронајдат начини за овде да биде навистина добро за живеење и креирање“, велат од организацијата.

Првиот настан ќе се случи во сабота на 7 март во Младинскиот културен центар Скопје, со настап на популарните „Artan Lili“ од Белград, кои ќе бидат специјални гости и ќе отсвират целовечерен концерт. Ќе настапат и скопските Pluto’s Doubts, еден од водечките бендови на новата генерација.

Потоа, Muhamed Ibrahimi, виртуоз на гитара, шаркија и мандолина, ќе отсвири дел од неговите два досега издадени албуми. Свои настапи ќе имаат и MvrSvr, домашниот трап/хип хоп состав и Blackstate – соло проект на Филип (Фиц) Тасевски од Новиот Почеток.

Од „Овде е Добро“ велат дека ќе продолжат со настаните низ неколку градови во земјата, а помеѓу најавените музички имиња од програмата на овој „патувачки“ електронски фестивал се: BarumBarum во живо, еден од најпопуларните македонски диџеи Горан Кан, основоположникот на македонската електронска сцена Мирко Попов, моментално највозбудливиот битолски диџеј Berryqyat, омилениот Нино Флодер,  Митрик заедно со својата Room 313 и Зоран Веселинов – кој неодамна издаде музика за реномираниот домашен лејбел ПМГ Рекордингс и свири македонска турнеја.

Во рамки на „Овде е Добро“ ќе бидат прикажани и видеата што претставуваат млади луѓе кои со својот личен пример и дела придонесуваат за културата.

Цените на влезниците по симболична цена од 100 денари, публиката може да ги набави на билетарницата на Младинскиот Културен Центар или онлајн.