„Artan Lili“ ќе настапуваат на 7 март на „Овде е Добро“

На 7 март (сабота) од 20 часот во МКЦ ќе се одржи „Овде е Добро“, кој се состои од серија настани, а овој е првиот од низата настани.

„Извонредно популарните, сега веќе вистински ѕвезди на регионалната сцена, ‘Artan Lili’ од Белград, Србија ќе бидат специјални гости на овој настан и ќе отсвират целовечерен концерт. Домашните ‘Pluto’s Doubts’, Мухамед Ибраими, ‘MvrSvr’ и ‘Blackstate’ ќе ја увеличаат оваа фестивалска вечер со своите настапи. Ќе се сложите извонредно квалитетен избор на бендови, па Овде дефинитивно ќе е Добро :)“, стои во најавата за настанот организиран од „PMG recordings“, односно од „Сонична младина на Македонија“.

Според организаторите, „Овде е Добро“ е иницијативa која има намера да поттикне дискусија, пред се помеѓу младите, за нивниот ангажман во социјалниот, културниот, па и политички живот на земјава.

„Овде е Добро“, велат организаторите, имаа намера да се занимава со лоцирање на проблемите од кои произлегува популарното незадоволство, но главна тенденција е да се пронајдат начини за решавање на тие прашања.

„Активно учество наспроти банално критизерство. Иницијатива наспроти очекување дека нешто ќе падне од небото само за тебе. Самоорганизација и активна борба за задоволување на потребите, наместо очекување некој друг тоа да го стори за тебе. Одговорно и реално инсталирање на демократските вредности на организациите и светот кон кој реално се стремиме. Тоа е отприлика дирекцијата на ‘Овде е Добро’“, стои во најавата за фестивалот.

Влез за „Овде е Добро“ е 100 денари.