Активистки легнаа пред македонската амбасада во Љубљана во поддршка за протестите

Активистките од женскиот хор „Комбинат“ во Љубљана вчера легнаа пред македонската амбасада во Словенија, во знак на поддршка за протестите против полициска бруталност. Со пораки, „No pasaran“, „Распеани скопјани, ние сме со вас“, „Протестирам“, ја изразија својата солидарност за ненасилните протести во Македонија.

„Во знак на поддршка на македонските демонстранти, A las barricadas, пред македонската амбасада во Љубљана“, стои во објавата.

Македонските демонстранти, кои веќе неколку дена го искажуваат својот револт од владиното прикривање на убиството на Мартин Нешковски, како резултат на полициската бруталност во 2011, добија поддршка од повеќе мировни активисти од регионот на поранешна Југославија, како и од Бугарија.

Според најавите, протестите ќе продолжат секој ден во 18 часот,  а веќе почнаа да се шират во повеќе градови низ државата. Досега, протести за правда на Мартин Нешковски се одржуваат во вкупно девет градови.