Ако се користи транспарентно, вештачката интелигенција ветува понатамошен развој во корист на човештвото

„И покрај капацитетите кои ги имаме, работната сила кај нас, а ова најверојатно важи и за целиот регион, сѐ уште е доволно евтина за да нема доволно интерес за автоматизација со ВИ, па заради тоа можеби ја имаме перцепцијата дека заостануваме“ – Д-р. Петре Ламески, продекан на ФИНКИ. 

Минатата недела во Дубаи беше докажано дека изведувањето на лапароскопска операција со помош на робот со вештачка интелигенција (ВИ) дава подобри резултати од традиционалниот начин, односно значително се намалува губитокот на крв и овозможува побрзо заздравување на пациентот, пренесува агенцијата Мета.

Иако речиси 69 отсто од студентите во светот сметаат дека некои професии во иднина ќе бидат преземени и извршувани од страна на уреди со вештачка интелигенција, а 63 отсто сметаат дека најверојатно тоа се професиите касиер, возач и преведувач, неодамнешниот пример за роботската интервенција покажува дека светот не е толку далеку од промена на начинот на управување со професиите што засегаат поголеми компетенции.

„Прашањето не е дали некоја работа која ја работат луѓето ќе биде автоматизирана, туку кога“, вели за Мета.мк, д-р Петре Ламески, доцент и продекан за настава на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Д-р Ламески објаснува дека придобивките од научните достигнувања од областа на вештачката интелигенција ќе овозможат работата за која имало потреба од 20 или 30 луѓе, да ја работи само еден човек кој ќе се бави со конфигурација на машините и мониторинг на процесите.

„Физичкиот дел од работата ќе го преземат ‘интелигентните’ машини. Пред неколку месеци имав прилика да посетам скоро целосно автоматизирана фарма во Холандија. Еден до двајца луѓе се доволна работна сила за покривање на целиот процес на одгледување на 150 млечни крави. Нешто што без користењето на интелигентните машини и автоматизацијата би било незамисливо. Секако, ваквото ниво на автоматизација бара и обезбедување на посебна логистика и дополнителна инфраструктура“, вели тој.

Д-р Петре Ламески активно се бави со истражувања од областа на вештачката интелигенција и нејзината примена во финансиите, медицината, екологијата и земјоделството. Покрај тоа, активно работи и како консултант за развој на апликации кои користат вештачка интелигенција за домашни и странски компании.

Според него, ВИ во блиска иднина ќе ги замени оние професии за кои е поедноставно да се автоматизираат, односно како што објаснува, професии каде работните процеси се репетитивни, а во подалечна иднина ќе ги замени и покомплицираните професии, (како што е случај во некои од поразвиените земји) па дури и оние професии кои бараат високи квалификации, како научници, доктори и инженери.

Целиот текст може да се прочита ТУКА.