Акција за чистење на паркот на улица „Букурешка“ во Тафталиџе

Граѓанското здружение „Зелено Тафталиџе“ утре попладне, од 17:30 часот, ќе го чисти и средува паркот на улица Букурешка.

„Целта е да покажеме од колкаво значење за нас е ова паркче, истовремено грижејки се за природата и чистотата во нашата животна средина“, пишува на Фејсбук настанот.

Тие апелираат и доколку некој е во можност, да донесе дрвца за да се посадат и паркот да се разубави уште повеќе.

Акцијата нема да одземе многу време, ќе трае кратко, но ќе овозможи почиста и побезбедна околина во која најмалите ќе можат да си играат, пишуваат од „Зелено Тафталиџе“.

Инаку, голем број граѓани минатата недела се собраа на дружење во паркчето, за да побараат да запре изградбата на зграда која ќе уништи дел од зеленилото.

Од Општината се децидни дека донесената маркица за градба на една станбена зграда не може да биде повлечена, а таа додаваат, е утврдена со Детален урбанистички план за Тафталиџе во 2003 година.