Акција Плус: Локалната власт нема интерес за решавање на проблемите на младите во Ресен

Младите од Ресен и Преспа се несоодветно претставени што води до младинско отсуство во креирање на политиките на локално ниво, слаба младинска информираност, но и недостиг на акции кои ќе го подобрат животот на младите, реагираат од Здружението за локален развој Акција Плус -Ресен.

Тие се револтирани бидејќи Советот на Општина Ресен денеска не прифати да ја стави на дневен ред нивната Предлог- Стратегијата за решавање на проблемите и за остварување на потребите на младите од Ресен (2016 – 2018). Претседателот, додаваат, ги упатил на Советот на Млади кој има мандат да предлага одлуки, програми и други акти од значење за младите во општината.

 

„Во оваа прилика сакаме да потсетиме дека Советот на Млади на општина Ресен е основан во 2014 година и досега има одржано само една (конститутивната) седница каде што е избра но раководството. Челните луѓе на ова младинско тело редовно ги покануваме на сите наши активности, но за жал не се отповикале на нашите покани. Ова е уште еден доказ и аргумент плус за неодговорноста и немањето на желбата за соработка помеѓу Советот на Млади и граѓанските организации кои ги застапуваат младите во општина Ресен“, велат од Акција Плус.

Тие додаваат дека овој состав на Советот на Млади на Општина Ресен нема да има доволно време, ниту предвидени финансиски средства, за креирање на нов и квалитетен документ кој ќе излезе во пресрет на потребите и проблемите кои ги имаат младите од општина Ресен. Од друга страна, потсетуваат, одбиената Предлог стратегија преку проектот „Зголемување на младинскиот активизам во Ресен“ е креирана по принципот „од млади за млади“ со што младите од Ресен дирекно ќе придонесат за подобрување на нивниот статус и живеење во општината.