Акција Плус: Советот на млади на општина Ресен е нефункционален

Локалниот Совет на млади во Ресен кој треба да ги застапува и штити интересите на младите постои само формално, велат од Здружение за локален развој Акција Плус – Ресен. Од здружението појаснуваат дека младите од Ресен и Преспа се несоодветно претставени и укажуваат дека ова води до младинско отсуство во креирање на политиките на локално ниво, слаба младинска информираност, но и недостиг на акции кои ќе го подобрат животот на младите.

Со цел да ги запознаат надлежните за проблемот, тие упатија писмо до Советот на Општина Ресен, до градоначалникот Ѓоко Стрезовски, како и до членовите на локалниот Совет на млади.

„Советот на млади на општина Ресен е основан во 2014 година и досега нема одржано ниту една седница и нема избрано раководство, членовите кои се избрани ги покануваме на сите активности, но за жал не доаѓаат. Писмото што го праќаме има за цел малку да ја покрене свеста на јавноста, за изборот на идниот состав на локалниот Совет на млади да биде инклузивен и транспарентен“, вели за Радио МОФ Зизо Љамковски, претседател на Акција Плус – Ресен.

Со оглед на тоа што годинава истекува мандатот на првиот Советот на млади во Ресен, тие бараат новиот состав да се избере во транспарентен и демократски процес.

„Самиот конкурс беше нетранспарентен и објавен само на огласната табла во општинската зграда каде што нема некое поголемо движење на младите и која многу ретко, речиси никогаш не служи за средство за информирање на младите. Потоа, самиот процес на избор на членови на локалниот младински совет се одвиваше зад затворени врати и не постоеа критериуми за избор на истите. Избраните членови добија само решение и ниту еднаш немаат одржано седница, немале ниту конститутивна седница. Поради тоа, постоечкиот локален младински совет нема можност за соработка со други организации и за вклучување на поголем број на млади“, стои во писмото на Акција Плус- Ресен.

Тие укажуваат дека е потребно формирање работна група која ќе покрене иницијатива за демократски избор на новите членови, ќе креира модел за работа и ќе организира основачко собрание на транспарентен и демократски начин. Потоа, додаваат, треба да се креира и локална стратегија за млади на општината, како основен документ за работа на локалниот Совет на млади.

Од општина Ресен засега молчат за ваквите барања. Радио МОФ стапи во контакт со секретарот во општината и раководителот на Секторот за локален економски развој. Иако беше најавено дека ќе одговорат на испратените прашања за функционирањето на Советот на млади, одговор се уште нема.

Од Акција Плус – Ресен пак најавуваат дека будно ќе го следат формирањето на новиот состав и ќе останат активни во зголемување на младинскиот активизам во Ресен, во создавањето јавни политики, но и во демонстрирањето граѓанска свест за ангажирање на младите.