АХВ: Нема законски пречки за Здруженијата да раководат со стационари за кучиња

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како одговорна институција за здравствената заштита и благосостојбата на животните, информира дека прифатилиштата се одобруваат во зависност од тоа дали и колку ги исполнуваат законски пропишаните услови, согласно кои не постојат законски пречки едно прифатилиште да биде раководено од здружение за заштита на животните, доколку тоа ги исполнува сите законски услови.

Ова се наведува како одговор на барањата изнесени од здруженијата за заштита на животните, кои денеска излегоа на протест во Скопје.

Од АХВ велат дека согласно Законот за благосостојба на животните, контролата на популацијата на кучиња е надлежност на општините, односно Градот Скопје, но дека Законот не обврзува секоја општина самостојно да воспостави прифатилиште за бездомни животни, односно заедничко прифатилиште можат да основаат и повеќе локални самоуправи.

Во однос Регистарот на сопственици на миленици, од АХВ тврдат дека во рамки на Ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата функционира модул за регистрирање на домашни миленици, досега се евидентирани 20.500 миленици.

Од септември годинава, соопштува АХВ, е реализирана и кампања за бесплатно микрочипирање на домашните миленици -кучиња и мачки, за што се набавени 100 илјади микрочипови.

„Во реализацијата на оваа кампања вклучени се 147 ветеринарни друштва. Услугата е прв пријавен, прв услужен, а краен рок за користење на овие микрочипови е 31 март 2019 година“, информираат од АХВ.

Истовремено, АХВ вели дека активно работат на подготовка на нацрт-правилник за одгледувачници за домашни миленици и условите кои треба да ги исполнуваат продавниците за миленици, по што ќе биде формиран и Регистер на одгледувачи кои ќе плаќаат уредно данок.

„За барањето Градот или општината преку Советот да усвои одука за субвенционирање на сопственици кои сакаат да го стерилизираат/кастрираат својот миленик, во рамки на соработката која ја имаме со ЗЕЛС, испратено е известување до сите општини за законските обврски кои локалните самоуправи ги имаат во поглед на промовирањето на одговорно сопствеништво на домашните миленици“, соопштува АХВ.

АХВ наведува дека од своето формирање во 2011 година досега, самостојно и во соработка со други институции и невладиниот сектор, има организирано повеќе кампањи за промоција на одговорното сопствеништво, почнувајќи од децата во градинките и нижите одделенија во основните училишта.