Агенција за млади го потврди изборот на Бојана Наумоска, СВТ се огради од нејзината кандидатура

По протестниот собир и оспорениот избор на младински претставник во ОУ на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан (РИКО), попладнево со соопштение се јави и Агенцијата за млади и спорт, потврдувајќи дека е избрана Бојана Наумоска.

Според Агенцијата, за Наумовска гласале 45 од вкупно 66 членови на формираната работна група, со што, велат тие, е остварен кворум на гласањето.

„Заедно со Бојана Наумоска во Управниот одбор на Канцеларијата ќе биде и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, како владин претставник. Официјалните номинации ќе бидат испратени во текот на утрешниот ден.

Со изборот на Бојана Наумоска за младински претставник во РИКО престанува и работата на Работната група која беше формирана за избор на младинскиот претставник во Управниот Одбор на РИКО, а која беше составена од 66 членови, од кои најголемиот дел – претставници на невладини организации“, соопштуваат од Агенцијата.

Истовремено (освен НМСМ) соопштение до јавноста испратија и од Извршен одбор на СВТ (Summer work & travel) Скопје. Нагласуваат дека Наумоска е основач и актуелен претседател на собранието на СВТ Скопје и дека минатиот период го презентирала нејзиниот план за кандидатура, но, сепак, таа независно се кандидирала за позицијата во РИКО.

„Извршниот одбор на СВТ Скопје како одлучувачко тело во организацијата, во ниту еден момент во целиот процес не застана позади кандидатурата на Бојана Наумоска. Бојана Наумоска и покрај тоа што е основач и претседател на собранието на СВТ Скопје, има и друго искуство во нејзината кариера. Исто така, доколку се докаже и се донесе одлука дека целиот процес за иборот на Наумоска на позицијата младински претставник за Регионална канцеларија за младинска соработка (РИКО) е нелегитимен, Извршниот Одбор на СВТ Скопје ќе ја поддржи таа одлука“, соопштува Извршниот одбор на СВТ Скопје.

Ваквите соопштенија доаѓаат откако група млади со протестен собир искажаа револт од изборот на младински претставник на Македонија за РИКО. Младинските организациите кои се дел од работната група рекоа дека изборот бил спорен и нелегитимен, ништо поразличен од првиот избор кога немало кворум. Незаводолството е од тоа што Наумоска работи во Собрание, во институција, а веќе се избра еден претставник на РИКО од институција, па ова требаше да биде избор за младински претставник. Дополнително, се обиделе да прават стриминг (снимање во живо) со телефон, меѓутоа, како што велат, Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт пробала насилно да го одземе телефонот на претставничката на Младинскиот образовен форум во работната група, Александра Филипова.

Младинските организации, меѓу другото, бараат увид во целосната документација од доставените апликации за членови на работната група, исклучување на сите организации со неактивен статус, одземање на правото на глас на сите претставници од државните институции, но и повторно распишување на повикот за претставник на УО.

Од Агенцијата за млади и спорт, пак, изразуваат жалење што „мал дел од организациите прават обид да фрлат дамка на изборот на младинскиот претставник, како и целокупниот процес за избор на претставникот кој беше инициран токму од граѓанските организации и воден на начинот кој тие го предложија на координативната средба, непосредно по Самитот во Париз, каде беше потпишана Меѓународната спогодба за воспоставување на РИКО“.

Инаку, Регионалната канцеларија за младинска соработка е иницијатива која започна во 2015 година со Заедничката декларација за воспоставување на канцеларијата, потпишана од страна на премиерите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина (потпишана на Самитот за Западен Балкан во Виена) и официјално воспоставена со Меѓународната спогодба за нејзино воспоставување (потпишана на Самитот за Западен Балкан од страна на премиерите на шесте држави) на 5 јули 2016 година. Предвидено е да започне со работа во текот на 2017 година.