НМСМ: Институциите за млади во Македонија – најголемо младинско разочарување

Националниот младински совет на Македонија објави реакција во однос на денешниот нелегитимен избор за младински претставник за Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка. Реакцијата ја пренесуваме интегрално:

Денес во просториите на Агенција за млади и спорт се спроведе нелегитимен процес на избор на младински претставник во Управниот одбор (УО) на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).  По првото неуспешно гласање кое го одбележа насилен и непрофесионален однос на претставниците на Агенција за млади и спорт, се спроведе второ на кое беше избран претставник на младите вработен во државна институција чиј фокус не се ниту младите, ниту младинските организации.

Агенцијата за млади и спорт (АМС) злоупотребувајќи ја својата положба како институција надлежна за овој процес, целосно влијаеше врз конечниот избор на младински претставник. Иако за потребите на овој процес беше формирана работна група од младински организации, сепак младинското учество и овојпат беше декоратива. Најавите на директорот на АМС, Марјан Спасески дека процесот ќе биде најтранспарентен и инклузивен беа само безлични политички искази.

По денешното нетранспарентно гласање, Националниот младински совет на Македонија повика на здружен собир пред Агенцијата за млади и спорт каде беа упатeни неколку барања:

  • Увид во целосната документација од доставените апликации за членови на работната група;
  • Исклучување на сите организации со неактивен статус;
  • Одземање на правото на глас на сите претставници на државните институции;
  • Повторно распишување на повикот за претставник на Управен одбор под услов да не е тековно вработен во државна институција;
  • Начинот на гласање да биде договорен од сите членови на работната група;
  • Гласањето и пребројувањето на гласови да биде мониторирано од страна на организациите од работната група.

Да потсетиме дека институциите веќе имаат номинирано свој претставник во Управниот одбор на ова тело и овие избори се однесуваа на претставник од младинскиот сектор. Но, покрај реакциите на Националниот младински совет на Македонија, институциите да не се мешаат во изборот на младински претставник, сепак не самошто им беше доделено право на глас на 7 институции, исто така им беше овозможено правото на глас и на организации кои не ги исполнуваат критериумите, односно организации со неактивен статус во Централен регистар на РМ, како и организации и останати членови на работната група кои не ги исполнуваат однапред определените критериуми.

Националниот младински совет на Македонија во повеќе наврати алармираше и побара од АМС да преземе мерки за отстранување на овие нерегуларности, но оваа агенција чија обврска е да биде во служба на младите, остана глува и незаинтересирана за истите. Агенцијата за млади и спорт не самошто не одговара на барањата на младите, исто така не одговори ниту на барањата за информации од јавен карактер, поднесени од НМСМ, за проверка на релевантноста на дел од младинските организации на кои им беше доделено право на одлучување на овие избори.

Националниот младински совет на Македонија кој беше вклучен во работната група преку своите организации членки се оградува од изборот на овој претставник бидејќи не ја отсликува волјата на младинските организации ниту младинскиот сектор во Македонија.  RYCO има голема регионалната вредност и важност и случувањата со процесот на избор на младински претставник влијаат негативно на имиџот на државата и делуваат во насока на уназадување на демократските процеси во Македонија.

Ќе потенцираме дека Агенцијата за млади и спорт и покрај неколкугодишните ветувања за соработка со младинскиот сектор и вклучување на младите во процесите важни за нив, сепак ни овојпат не остаа доследни на ветувањата.

„Најважниот аспект на овој процес е вклученоста на претставници од владиниот и невладиниот младински сектор, односно еднаквото право на одлучување во рамки на работната група, но и не само во неа, туку и во натамошното воспоставување и функционирање на оваа канцеларија за младинска соработка“ – изјави директорот на Агенција за млади и спорт, Марјан Спасески во едно од своите соопштенија.

Со почит,

Национален младински совет на Македонија