Агенција за филм контра Траспаренси Интернешнел, тврди дека нема конфликт на интереси

По изнесените наоди на Транспаренси Интернешнл за конфликт на интереси и незаконски спроведен конкурс во Агенцијата за филм, денеска од Агенцијата го тврдат спротивното.

„Не постои никаков конфликт на интереси, ниту пак прекршување на какви било законски одредби во спроведување на Конкурсот за одлучување за поддршка на долгометражен, краткометражен и анимиран филм на минатиот повик на Агенцијата за филм на РСМ. Од изнесеното на прес-конференцијата не видовме доказен материјал што би потврдил какви било незаконски или можни злоупотреби“, велат од Агенцијата.

Од таму тврдат дека лицата што се вклучени во процесот на евалуација (рецензенти, рилмски совет, Управен одбор) се избираат според високо утврдени критериуми за компетентност на работата. Истите, велат од Агенцијата, се обврзани според Законот, а притоа и писмено одговараат, да ги почитуваат одредбите за неучество на конкурсот, непристрасност и тајност на одлучување.

Според директорот Бојан Лазаревски, именуваните лица од вчерашната прес-конферeнција од Транспаренси Интернешнел, се искусни и со многу минат труд во филмската дејност и во целост нивната ангажираност е според важечките критериуми.

„Секоја можна инсинуација или тврдење за некомпетентност или пак злоупотреба на соработниците на Агенцијата за филм, е тврдење дека нашата институција не постапува правилно. Уште еднаш ги отфрлам сите тврдења како невистинити и тенденциозни и останувам отворен за прашања на јавноста и институциите. Конфликт на интереси нема, ниту пак сериозноста и професионалноста на нашата институција би го дозволила тоа. Откако сме ги избрале лицата што ќе бидат дел од процес за евалуација немаме никакво влијание во автономноста на одлучување и се потпираме на нивната компетентност”, рече Лазаревски.

Тој тврди дека Транспаренси Интернешенл постапува тенденциозно, по налог на едно лице кое, вели Лазаревски, постојано се јавува со разноразни пријави во Агенцијата за филм.

„За истото лице беа побарани документи за неговото финансиско работење и истите се ставени на увид на институциите и јавноста и медиумите. Оттука се поставува прашањето, кој е мотивот на г-ѓата Слаѓана Тасева постојано за едно исто лице да ја извртува вистината и да ја манипулира јавноста?“, рече Лазаревски на денешната прес-конференција.

Инаку, Тасева вчера посочи дека во декември примиле пријава, а по спроведениот мониторинг е констатирано дека во Конкурсот за 2022 година Агенцијата за филм не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведувал овој Конкурс, поради што се исполнети услови истиот да биде оценет како нелегитимен и незаконски.

„Постоењето на судир на интереси често претставува ризик од корупција, а со тоа создава висок степен на недоверба во начинот на кој се трошат буџетските средства. Оттаму, развојот и имплементацијата на систем за навремено реагирање и управување со ситуациите на судир на интереси е од суштинско значење и за работењето на Агенцијата за филм“, рече вчера Тасева во име на Транспаренси Интернешнел.

Таа препорача Владата преку надлежното Министерство за култура да побара Агенцијата, откако ќе обезбеди непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведуваат конкурси, да го повтори предметниот Конкурс.

Понатаму, надлежните институции да ги преиспитаат постапувањето и одлуките на Агенцијата во овој конкурс и да преземат соодветни мерки во рамки на нивната надлежност.

„Владата преку надлежното Министерство за култура и Агенцијата за филм да воспостават правила и процедура за проценка на ризиците од судирот на интереси како и назначување на лице за спроведување на систем за управување со истите. Владата преку надлежното Министерство за култура да воспостави спроведување на систем на санкции за непочитување на правилата со кои се управува судирот на интереси“, рече Тасева.