Адеми: Учениците можат да протестираат, но изгубените часови ќе бидат неоправдани

Учениците можат да протестираат, но изгубените часови ќе се регистрираат како неоправдани часови, денеска изјави министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Тој вели дека училиштата се обврзани да ги реализираат часовите според наставната програма.

„Според закон има одредени часови, односно 180 часа годишно што тој ученик мора да ги следи. Секој има право на протести, меѓутоа учениците и во училиштата, треба да се спроведува тој закон, да ги надополнат сите изгубени часови“, изјави Адеми.

Средношколците кои минатата недела маршираа против образовните реформи поднесоа претставки до Народниот правобранител за притисоците и заканите што ги добивале од наставниците и директорите на училиштата.

Од Средношколскиот пленум велат дека поднеле две анонимни претставки, една за попречување да излезат на протест, а втората за притисоците што се појавиле по маршот, но досега не добиле одговор.

Учениците пред и за време на маршот јавуваа за притисоци, заклучени врати, одземени мобилни телефони, а Пленумот објави и видео како доказ за закани од раководства на училишта. Ваквите притисоци наидоа на остра реакција и од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Стотици средношколци излегоа на првиот протест за оваа учебна година, за да ги потсетат надлежните дека средношколските барања остануваат исти, како укинувањето на екстерното тестирање, задржување на стариот концепт на полагање државна матура и вклучување на Средношколскиот пленум во работата на новиот концепт.