(ВИДЕО ИНТЕРВЈУ) Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со фокус на младите и македонските автори

Идеално место за собирање на млади се токму библиотеките, читалниците, книжарите. Младите кои растат и се развиваат опкружени со книги се идеалот на едно општество и најдобриот приказ во неговото огледало. Наместо спортски обложувалници кои се масовно достапни за граѓаните, отворање на поголем број читалници, збогатување на библиотечниот фонд и вложување во издавачката дејност ги прават токму читањето, учењето и знаењето поатрактивно за младите луѓе.

Во рамките на библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје, постои активна читалница која работи 24 часа. Како што вели директорката на Градската библиотека во Скопје Снежана Стојчевска, оваа читалница е една од ретките која работи постојано и им е на услуга на младите, не само во Скопје туку и во поширокиот регион. Пред испитните сесии, оваа читалница забележува значителен број на посети и е убава глетка на собир од млади луѓе кои учат и се посветени на книгата.

Освен, читалницата која е отворена 24 часа, младите се во фокусот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и преку реновираниот оддел за деца и млади во кој покрај реновирањето на инфраструктурната состојба, значително е збогатен и библиотечниот фонд. Во рамките на овој простор се одржуваат работилници за креативно пишување со македонски автори и илустратори, со што одделот за деца и млади стана еден од најпосетените во рамките на библиотеката во изминатите години.

Сепак, како што потенцира Стојчевска, Градската библиотека има низа предизвици со кои во моментот се соочува, во време кога приватните издавачки куќи го држат приматот на пазарот, книгата сѐ повеќе се дигитализира и преминува во некој друг облик од класичниот, предизвик е да се задржи членството на читателите во библиотеката.

Во последните години не е забележан раст, бидејќи како што самата потенцираше, нема доволно средства за набавка на нови книги, промоции кои би посакувале да ги прават, особено промоции на македонски автори и литература во оригинално творештво на македонски јазик. Но и покрај тоа, во последните неколку години, во рамките на библиотеката е активирана и издавачката дејност и издадени се две нови книги кои произлегуваат токму од креативните работилници со деца и млади.

Императив за успешна работа сепак е љубовта кон креативното творештво, пишаниот збор и книгата, смета Стојчевска. Само со љубов кон кнжевното творештво, може да се постигнат резултати во работењето дури и кога тоа е исполнето со предизвици. Она што како раководно лица на библиотеката смета дека е потребно да се стави во фокус, се токму македонските автори и творењето на македонски јазик. Со вистинска промоција на македонски писатели, се поттикнува и творењето и издавањето и читањето на домашна литература.

Целиот разговор со Снежана Стојчевска, директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, погледнете го во продолжение.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

 

Магдалена С. Константинов и Исмет Шабановиќ