Музичка младина на Македонија продолжува со концертниот циклус „Слободна среда“, во рамки на програмата „Млад музички албум“, со нов концерт што ќе се одржи на 25 март во 20 часот во Музејот на македонската борба во Скопје. Влезот за публиката е слободен.
Станува збор за платформа која од 2020 година им овозможува на младите музичари – ученици од основни и средни музички училишта, како и студенти од музичките факултети – да стекнат значајно сценско искуство. Концептот е отворен и инклузивен, при што повеќе изведувачи настапуваат со по едно дело, градејќи ја постепено својата изведувачка сигурност и самодоверба, велат од тимот на Музичка младина на Македонија.

Во програмата ќе настапат 15 млади музичари од Скопје, Штип, Битола и Струмица, како и учесници кои моментално се школуваат во странство, во САД и Германија.
Публиката ќе има можност да проследи разновиден репертоар со дела од познати композитори како Бах, Моцарт, Бетовен, Сати и Лист, изведени на повеќе инструменти, меѓу кои пијано, виолина, виолончело, флејта, кларинет, хорна, како и вокални изведби.

Концертот претставува пресек на различни нивоа на музичко образование – од основно до високо – и нуди реална сцена за младите таленти пред публика, велат организаторите и додаваат дека циклусот „Слободна среда“ има за цел да обезбеди континуитет во нивниот уметнички развој, преку видливост, мотивација и практично искуство.



