Фармацевтската индустрија заостанува во борбата против отпорните бактерии

Развојот на нови антибиотици се намалил за 35 проценти во последните пет години, додека отпорноста на бактериите и другите микроорганизми на лекови брзо расте. Отпорноста на антимикробни лекови (АМР) ги надминува напорите на фармацевтската индустрија, предупредува нов извештај на фондацијата „Access to Medicine“.

Извештајот на холандската организација покажува дека во 2026 година се во развој само 60 проекти на големи фармацевтски компании, што е пад од 92 проекти во 2021 година. Фондацијата, како што пренесува „Јуроњуз“, предупредува дека без итни промени АМР може да предизвика зголемување на смртноста од инфекции што можат да се лекуваат, особено во посиромашните земји и меѓу ранливите групи.

Директорката на фондацијата, Џајасри К. Ајер, наведува дека недостигот на истражување и развој во областа на заразните болести претставува еден од најголемите предизвици во борбата против АМР.

Според податоците на Светската здравствена организација, крајот на 2025 година покажува дека една од шест бактериски инфекции е отпорна на стандардни третмани. АМР во Европската Унија е одговорна за повеќе од 35.000 смртни случаи годишно, а глобално се очекуваат околу 39 милиони смртни случаи поврзани со бактериска резистенција меѓу 2025 и 2050 година.