ПОЧИНА АКТЕРОТ КИРИЛ ПОП ХРИСТОВ-КИЛИ

Вчера во Еквадор почина актерот Кирил Поп Христов-Кили, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК пријател на семејството. Имаше 58 години.

Поп-Христов се пресели во Еквадор во 2014 година. Иако често доаѓаше во Скопје, последната годинаипол ја поминал во Еквадор.

Веста за смртта на актерот, на неговите браќа во Скопје им ја соопштила сопругата на Кили, кореографката Гордана Деан Поп-Христова.

Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски, во 1989 година. Од  1993  до 2014  работеше во Македонскиот народен театар.

Глумеше во филмовите „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“, „Тетовирање“ и во претставите „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“, „Народен пратеник“ и други.