Физичкото и сексуалното насилство во текот на животот погодува приближно една третина од жените во Европска унија, но поголемиот дел од случаите никогаш не се пријавуваат, покажува ново истражување објавено во вторникот.
Резултатите од анкетата, спроведена од Агенција на Европската унија за основни права и Европски институт за родова еднаквост, покажуваат дека само 11,3 проценти од жените пријавиле во полиција физичко или сексуално насилство извршено од лица кои не се нивни партнери. Уште помал процент – 6,1 – пријавиле насилство од страна на интимен партнер.
Како најчести причини за непријавување се наведуваат срам, чувство на вина, страв и недоверба во институциите. Истражувањето покажува и дека недоволната информираност или отежнатиот пристап до сервиси за поддршка дополнително влијаат врз одлуката насилството да не се пријави.
Околу 30,7 проценти од жените во ЕУ изјавиле дека доживеале некаков облик на насилство, што претставува благ пад во споредба со 33 проценти забележани во првото вакво истражување од 2012 година. Студијата укажува и на широка распространетост на други облици на злоупотреба, вклучително психолошко, економско и онлајн насилство.
Директорката на Агенцијата, Сирпа Раутио, изјави дека насилството врз жените претставува сериозно кршење на основните човекови права и дека државите имаат обврска да го спречат, да ги заштитат жртвите и да обезбедат пристап до правда.
Истражувањето покажува големи разлики меѓу земјите. Највисока стапка е забележана во Финска со 57,1 проценти, додека најниска во Бугарија со 11,9 проценти. Високи стапки се регистрирани и во Шведска и Данска, појава позната како „нордиски парадокс“.
Новата студија се темели на интервјуа со околу 115.000 жени на возраст од 18 до 74 години, спроведени од септември 2020 до март 2024 година.
Извор: Royters
Фото: Freepik



