Откриена нова егзопланета во близина на Земјата што можеби е целосно покриена со вода

Астрономите открија нов „воден свет“ – планета која е целосно покриена со вода, јавува „Еуроњуз“.

Засега се смета дека планетата орбитира околу ѕвезда што се наоѓа на оддалеченост од 100 светлосни години од Земјата, во таканаречената „Златна зона“ или зона погодна за вселување каде што температурата е погодна за да постои течна вода на површината. Станува збор за егзопланета, односно планета што се наоѓа надвор од нашиот сончев систем.

Како и Земјата, оваа планета би можела да ја задржи својата течна вода бидејќи растојанието од ѕвездата укажува дека на планетата не е премногу топло ниту премногу ладно.

Егзопланетата е именувана како „TOI-1452 b“, а во површина и во величина е малку поголема од Земјата. Сепак според откритијата на научниците се забележува дека има значително помала густина од Земјата, па врз основа на тоа се претпоставува дека е покриена со дебел слој на вода.

Океанските планети се од особен интерес за астрономите бидејќи се сметаат за кандидатски планети на кои може да се преживее. Астрономите кои работат на истражување и проучување на оваа планета посочиле дека е една од најдобрите откриени кандидати за океански планети досега.

Планетата прв ја забележа Транзитниот сателит за истражување на егзопланети на НАСА (TESS) што всушност го истражува небото барајќи егзопланети што се наоѓаат блиску до светлите ѕвезди.

Научници од Универзитетот во Монтреал кои ја истражуваат оваа планета спровеле неколку дополнителни истражувања со телескопот со цел да го потврдат типот на планетата и нејзините карактеристики. По 50-часовно истражување тие успеале да утврдат дека масата на оваа океанска планета е пет пати поголема од таа на Земјата.

Додека 70 отсто од површината на нашата планета е вода, само 1 отсто од нејзината маса е вода, а дури 30 отсто од масата на ново откриената егзопланета е вода.

Ваквата пропорција е слична на некои од месечините на Јупитер (Ганимед и Калисто) и Сатурн (Титан и Енцелад).

Тимот истражувачи најавува дека оваа планета ќе биде проучувана и со помош на најсофистицираниот телескоп некогаш изграден и лансиран во вселената, Џејмс Веб, што ќе биде голема погодност бидејќи самата егзопланета се наоѓа блиску до Земјата во дел од небото од каде Веб ќе може да ја набљудува во текот на целата година.