Во ЈУ Младински културен центар – Скопје, на 4 март 2026 година (среда), од 13:00 до 18:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Мартинки – традиција што трае“ на авторката Марија Младеновска Митровска.
Изложбата претставува избор од рачно изработени мартинки создадени низ повеќе од 35 години континуирана работа, како и документарен материјал од нивната меѓународна презентација во Варшава, Полска. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со богатството на овој традиционален обичај и со авторскиот пристап на уметницата во неговата современа визуелна интерпретација.
Мартинките се традиционален обреден симбол поврзан со доаѓањето на пролетта, здравјето и добрата среќа. Во творештвото на Младеновска Митровска тие се појавуваат како спој на наследена традиција, личен уметнички ракопис и современ израз.
Во 2024 година дел од нејзините изработки беа претставени во Варшава во рамки на меѓународен настан посветен на обичајот на мартинките. Овој обичај во 2017 година беше впишан на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО како мултинационална номинација на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.
Иницијативата и долгогодишната посветеност на авторката кон зачувувањето и промоцијата на мартинките се препознаени и валоризирани во рамки на активностите за заштита на нематеријалното културно наследство.
На отворањето на изложбата свое обраќање ќе има м-р Ивона Опетческа Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство и национален координатор за спроведување на Конвенцијата на УНЕСКО од 2003 година.
Со оваа изложба авторката пошироко се претставува пред домашната публика, прикажувајќи не само ракотворби, туку и континуитет – сведоштво дека традицијата живее сè додека се создава, се чува и се пренесува.



