На денешен ден е роден Артур Шопенхауер – филозофот на песимизмот што го обликуваше модерното мислење

На денешен ден во 1788 година е роден германскиот филозоф Артур Шопенхауер, еден од највлијателните мислители на 19 век. Иако за време на поголемиот дел од својот живот бил во сенка на тогаш доминантниот идеализам, неговата филозофија станала пошироко призната дури кон крајот на неговиот живот и особено по неговата смрт во 1860 година.

Шопенхауер развил длабоко песимистичка визија за светот, тврдејќи дека суштината на постоењето е слепата и ирационална „волја“ која постојано го турка човекот кон желби и страдање. Ова учење најцелосно го изложил во своето капитално дело Светот како волја и претстава, каде што светот го опишува како претстава на човечката свест, зад која стои немирната волја.

Неговите идеи добиле силен одек кај генерацијата разочарана од неуспехот на националните и револуционерни движења во 1848 година. Подоцна, влијанието на Шопенхауер се почувствувало во филозофијата и литературата, особено во делата на Фридрих Ниче и Томас Ман.

Со својата критика на оптимизмот и рационализмот, Шопенхауер остави траен белег врз европската интелектуална традиција, поставувајќи темели за понатамошниот развој на егзистенцијализмот и модерната мисла.