Наставник од основно училиште во Бутел тепал ученик на час, случајот пријавен во полиција

На социјалните мрежи се шири видео од наставник кој тепа ученик за време на часот. На видеото се гледа како наставникот прво го удира ученикот, па го крева во воздухот. Видеото најпрво било објавено на „Тик-ток“, а е снимено од соученик. За случајот ќе постапуваат и надлежните органи.

Се работи за наставник од основното училиште во Бутел, „Панајот Гиновски“. Директорката на училиштето вчера го пријавила случајот во полиција.

Денеска, таа за „Слободен печат“ изјави дека ќе го даде наставникот на дисциплинска комисија и потврди дека исконтактирала со полицијата.

„Не дозволувам насилство во моето училиште. Разговарав и со наставникот. Нема што да признава или да не признава, има видео. Мојата работа ја завршив најодговорно и пријавив во МВР. Родителите на детето се обидов да ги добијам, но биле на пат и не ми одговорија на повикот. Ќе следува дисциплинска комисија. Ученикот е во 7 одделение, а наставникот е по англиски јазик“, изјави директорката Абдулах Реџа на прашање од медиумот.