Тамара Котевска: Творам за македонската публика

Вчера во Драчево свечено беше отворено ново кино во соработка со „Киноверзум“, сместено во рамките на Домот на култура во Драчево. Настанот привлече бројни посетители, а на отворањето присуствуваа градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, продуцентот на филмот „Приказната за Силјан“ Јорданчо Петковски, режисерката Тамара Котевска, како и претставничката на „Киноверзум“, Михаела Ѓорчева. Филмот „Приказната за Силјан“ беше првиот што беше прикажан пред присутните во новоотвореното кино.

Градоначалничката Стаменкоска – Трајкоска посочи дека кино во Драчево постоело и претходно, нагласувајќи дека идејата повторно да се отвори кино токму во оваа населба произлегува од историската поврзаност на овој дел од Скопје со филмот.

Продуцентот Јорданчо Петковски изрази задоволство од приемот на македонската публика на „Приказната за Силјан“ и најави нов игран филм во соработка со режисерката Тамара Котевска.

Котевска истакна дека секојдневно добива пораки од гледачи кои го гледале филмот, изразувајќи радост што делото е создадено токму за македонската публика, иако нејзините филмови се меѓународно познати и признати.

Од „Киноверзум“, Михаела Ѓорчева нагласи дека од 2019 година до денес посветено работат на промоција на нови македонски филмови и најави дека и во иднина ќе продолжат со поддршка на развојот на продукцијата на филмови од македонско потекло.

На настанот присустуваа бројни гости кои со своето присуство дадоа поддршка на развојот на културата низ скопските општини. Инаку киното во Драчево, е првото кино кое не е на урбана територија во Скопје, со што се детерминира трендот на ширење на филмската уметност до секое место и средина.

Магдалена Стојмановиќ – Константинов за ©Радио МОФ 

Фото: Општина Кисела Вода