Нетфликс има пад на претплатниците за првпат по една деценија

Бројот на претплатници на видео-платформата Нетфликс опадна за првпат по една деценија. Компанијата соопшти дека изгубила 200 илјади членови во првите три месеци од 2022 година.

Овој пад доаѓа откако Нетфликс одлучи да ги подигне цените во најголемите пазари меѓу кои САД и Велика Британија, додека истовремено престана да ги нуди своите услуги во Русија.

Од Нетфликс додаваат дека очекуваат дополнителен пад на корисниците, а најавуваат и дека во следниот период ќе се справуваат со споделувањето на корисничките сметки во обид да дојдат до нови корисници.

Во писмо до акционерите, од компанијата предупредиле дека очекуваат намалување за дополнителни два милиони претплатници, посочувајќи дека дел од причината за сегашниот пад е и големиот раст на бројот на корисниците во текот на пандемијата.

Само повлекувањето од Русија по војната во Украина резултирало со 700.000 помалку претплатници. Дополнителни 600.000 луѓе ја прекинале претплатата во САД и Канада по покачување на цените.

Последен пат компанијата имала намалување на претплатниците во октомври 2011 година. Сепак и понатаму има повеќе од 220 милиони претплатници глобално.