Промоција на стрипот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“

Утре со почеток во 19:00 часот, во  Laboratorium ќе се одржи промоцијата на новиот стрип-албум „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ од авторите Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ – Владодлак, во издание на Фликер Студио. Настанот е отворен за сите љубители на стрипот, а албумот ќе биде достапен по промотивна цена.

„ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ претставува директно продолжение на „ЛОМ: Волшебникот од Големото Ништо“ (2020) и носи ново, уште подлабоко навлегување во светот на магијата, дилемите и апсурдот. Станува збор за епска фантазија проткаена со егзистенцијална паника и суптилна иронија, каде судбината не трпи туѓи мислења. Волшебникот Лом се соочува со тежок избор: дали да ја следи Луси низ Портата на Јанус во свет без магија – познат како Тексас – или да остане во Долината на Големото Ништо и да ја прифати улогата на племенски водач. Во меѓувреме, единствениот пат за враќање на Луси дома води кон Хегем – вештер со толку мрачна репутација што и гласините го избегнуваат.

Дукоски зад себе има неколку значајни стрип-албуми, меѓу кои „Црната аурора“, „Неонски ноќи“, „Аника и Тигран“ и „Светите ловци“, сите реализирани во соработка со Благојевиќ. Покрај пишувањето, тој активно се занимава со филмска, музичка и стрип-критика и е дел од организацискиот тим на меѓународниот фестивал Стрип Трип.

Благојевиќ е дипломиран етнолог и едукатор во Музејот на Република Северна Македонија, активен и во областа на илустрацијата и ракотворбите. Автор е и на стрип-серијалот „Патот на старите богови“ (2024) и уредник на списанието „Тешка машинерија“.

Промоцијата во Laboratorium ќе понуди можност за непосредна средба со авторите, разговор за креативниот процес и запознавање со најновото поглавје од светот на Лом.