Министерството за здравство соопшти дека Законот за заштита од пушење не се одложува и дека неговата финална верзија следната недела ќе биде доставена до Влада на Република Северна Македонија. Оттаму информираат дека во тек е финализирање на анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата.
Од Министерството потенцираат дека направените усогласувања не ја менуваат суштината на законското решение. Како што наведуваат, клучните цели остануваат спречување на започнување со пушење кај младите, создавање генерации без никотинска зависност и заштита на граѓаните и работниците од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на реакциите во јавноста за евентуална „фазна имплементација“, од ресорното министерство појаснуваат дека тоа не значи одложување на примената по усвојувањето на законот во Собрание на Република Северна Македонија. Законот ќе стапи на сила согласно законските рокови по неговото донесување.
Фазноста, како што објаснуваат, ќе се однесува на почетниот период на примена, кој ќе вклучува засилен надзор, информирање и изрекување опомени. Целта е институциите, угостителските објекти и граѓаните да добијат јасни насоки и поддршка за прилагодување на новите правила.
Министерството најавува дека ќе продолжи со транспарентно информирање на јавноста за сите следни чекори поврзани со донесувањето и спроведувањето на законот.
Фото извор: Архива


