Научници открија: Стареењето не е рамномерно – има два критични „скока“

Луѓето доживуваат две нагли фази на забрзано стареење, покажува истражување објавено во списанието Nature Aging, пренесе ScienceAlert.

Според студијата, првиот „скок“ во стареењето се јавува во просек околу 44-тата година од животот, а вториот околу 60-тата година.

Истражувачи од Stanford University следеле 108 возрасни лица во текот на неколку години, при што земале примероци од крв, кожа и микробиом и анализирале повеќе од 135.000 биолошки карактеристики.

Анализата покажала дека околу 81 отсто од проучуваните молекули доживуваат нагли промени во овие две фази. Промените опфаќаат метаболизам на липиди и јаглехидрати, кардиоваскуларно здравје, функцијата на кожата и мускулите, имунолошкиот систем и бубрезите.

Првиот скок, во средината на четириесеттите години, ги опфаќа и мажите и жените, вклучително и жените кои минуваат низ перименопауза. Вториот скок, во шеесеттите години, предизвикува дополнителни молекуларни промени.

Авторите нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврдат факторите што ги предизвикуваат овие нагли промени и подобро да се разбере биологијата на стареењето.