Политичка поддршка за нов курикулум за истражувачко новинарство: Тестот допрва следи во училниците

Во Собрание на Република Северна Македонија се одржа настан за промоција на новиот курикулум за истражувачко новинарство во рамки на предметот граѓанско образование, чиј автор е Виктор Новаковски. Програмата е предвидена како пилот-воннаставна активност за ученици од осмо и деветто одделение, на македонски и албански јазик, на доброволна основа и согласно законските можности за воннаставни активности.

На настанот се обратија претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателката на Комисијата за образование, наука и спорт Иванка Василевска, министерката за образование и наука Весна Јаневска и швајцарскиот амбасадор Кристофер Зомер.

Гаши истакна дека истражувачкото новинарство претставува дисциплина на прашања, докази и одговорност и дека во време на информациски шум е клучно младите да научат да проверуваат и анализираат информации. Целта, како што нагласи, не е создавање новинари, туку граѓани кои разликуваат факт од манипулација и јавен интерес од сензационализам.

Василевска оцени дека станува збор за вложување во демократската зрелост на општеството, додека Јаневска порача дека образовниот систем треба да создава генерации кои ги почитуваат принципите на еднаквост, слобода на говор и активно учество. Амбасадорот Зомер нагласи дека програмата го поврзува образованието со реалните општествени предизвици и ја зајакнува улогата на медиумите како демократски чувар.

Курикулумот е изработен во рамки на ПСП проектот на Владата на Швајцарија, под покровителство на Собранието, а спроведен од Национален демократски институт, Социетас цивилис и Центар за управување со промени. На учесниците им беа доделени сертификати за учество во подготвителната работилница.