„Швајцарските тајни“ – Кредит Свис обвинета дека чувала милијарди долари нелегални пари

Швајцарската банка Кредит Свис е обвинета дека чувала пари од криминално и незаконско потекло, покажа новинарско истражување на повеќе медиуми базирано на протечени документи од банката во периодот од 1940-та до 2010-та година.

Меѓу клиентите на банката биле и луѓе поврзани со тортура, трговија со дрога, перење пари, корупција и други сериозни кривични дела. Истражувањето покажува дека банката, и покрај тоа што имала предупредување за потеклото на парите, сепак продолжила да соработува со овие лица.

Истрагата ја спроведоа од Проектот за известување за организиран криминал и корупција, конзорциум на 47 медиуми од светот кои имале увид во повеќе од 18.000 сметки од банката.

Податоците биле анонимно доставени до германскиот весник Зидојче Цајтунг пред една година, а со овие сметки се опфатени 37.000 луѓе и компании со вкупна сума од 100 милијарди долари, од кои најмалку 8 милијарди долари се поврзани со клиенти идентификувани како „проблематични“.

Според весникот, податоците покажуваат дека банката прифаќала коруптивни автократи, осомничени воени злосторници и трговци со луѓе како свои клиенти.

„Верувам дека законите за тајност на швајцарското банкарство се неморални. Наводната заштита на финансиската приватност е само покритие за срамната улога на банките како соучесници на затајувачите на данок“, стои во дописот кој до весникот го испратил изворот на протечените документи.

Најголемиот дел од луѓето наведени во протечените податоци доаѓаат од земји во развој во Африка, Блискиот Исток, Азија и Јужна Америка. ИРЛ вчера емитуваше и свое истражување во која ги откриваат податоците и за лица од Северна Македонија кои се појавуваат во овие протечени документи. Повеќе податоци најавија дека ќе бидат достапни денеска на нивниот вебсајт.

Меѓу државите со најголем број клиенти се Египет, Венецуела, Тајланд и Украина, земји кои долги години се соочуваат со политички и финансиски елити кои своите богатства ги кријат во офшор дестинации.

Кредит Свис ги одбива обвинувањата за ваквите бизнис практики. Од банката велат дека наводите се засноваат на делумни, неточни или селективни информации извадени од контекст. Тие додаваат дека анализирале голем број од сметките поврзани со овие обвинувања и околу 90% од нив денес се затворени.