По победата на престижното европско музичко натпреварување The Voice of Europe, младата и талентирана Тина Русева стана гордост на Македонија и ново име кое сè почесто се споменува на регионалната музичка сцена. Нејзиниот триумф не беше само личен успех, туку момент на заедничка радост и сплотеност за македонската публика, која масовно застана зад неа во финалните фази од натпреварот. Со искреност и благодарност, Тина зборува за своето патување – од номинацијата, преку неверојатната поддршка, до плановите за светска кариера во која Македонија ќе има посебно место.
За очекувањата и самото учество на натпреварот, таа вели:
„На почетокот искрено не очекував победа. Сепак се работеше за конкуренција од цела Европа. Но кога дојдов до Топ 6 и кога сватив колку луѓе стојат позади мене и се спремни да гласаат и да го поддржат мојот талент сватив дека благодарение на нив имам имам можност и да победам. Инаку јас сама не се пријавив на онлајн натпреварот “The Voice of Europe” туку бев номинирана од нивна страна за истиот.“

За огромната поддршка од македонската публика и нејзиниот претходен ангажман, Русева споделува:
„Не очекував толкава поддршка и љубов. Пресреќна сум што македонскиот народ се сплоти и ми даде огромна сила и мотивација. Од срце сум благодарна на секој што верува во мене.
Малкумина знаат дека уште од дете настапував на детски фестивали и интернационални натпревари, каде што со гордост ја претставував Македонија. Очигледно, сега било вистинското време повеќето да ја запознаат мојата приказна.
Паралелно работам и за овој пазар, но и за мојата татковина. Моја прва авторска песна по сè ќе биде на македонски јазик – од срце, за вас.“
За плановите околу градењето на кариерата, таа нагласува:
„Секако! Моја цел е светска кариера, но никогаш нема да заборавам од каде потекнувам и колку ми значи поддршката од мојот македонски народ. Македонија секогаш ќе има посебно место во моето срце, а македонската публика секогаш ќе добива нешто посебно од мене.“
За можните соработки и новата музика, победничката открива:
„Моментално сум пред потпишување на договор со една германска продукциска куќа која што е отворена да работи со мене напоредно за овој пазар тука и пазарот во Македонија. Еден од моите услови беше баш тој. Неможнам да зборувам премногу околу тоа но можам да ви кажам околу мојата прва авторска песна која што се надевам дека до крајот на февруари ќе излезе. Се работи за македонска песна која има преголемо значање за мене и изминатиов период. Едвај чекам да слушнете за што станува збор.“

За промените во животот по победата, Русева искрено вели:
„По “The Voice of Europe” мојот живот доби нова насока. Дојдоа нови предизвици, поголема одговорност и многу можности, што ме тераат секојдневно да работам на себе.“
И за потребата од вакви формати во Македонија, таа порачува:
„Апсолутно. Имаме неверојатни таленти и сметам дека заслужуваат повеќе простор. Таквиот вид на шоу не е само забава, туку инвестиција во младите и во културата. Со вакви шоуа се гради самодоверба и се создаваат идни уметници.“
Победата на Тина Русева не е само личен успех, туку доказ дека македонскиот талент може да блесне на европската сцена. Со јасна визија и љубов кон татковината, таа самоуверено чекори кон светска кариера.
Магдалена Стојмановиќ – Константинов за © Радио МОФ



