Државата засега не планира ограничување на користењето социјални мрежи за младите, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, но не ја исклучи можноста за јавна расправа доколку постои зголемен интерес и страв кај родителите.
Одговарајќи на новинарско прашање, Андоновски нагласи дека ограничувањето на личните слободи не треба да биде прва опција, туку последна мерка. Според него, приоритет треба да имаат превенцијата и родителската контрола, наместо директна државна интервенција.
„Опасноста е голема кога државата ќе почне да забранува одредени алатки за одредена група луѓе. Така се отвора простор за ограничување на слободата на говор и изразување“, изјави министерот.
Тој потсети дека минатата година во сите училишта бил претставен систем преку кој родителите можат да контролираат кои апликации ги користат нивните деца, колку време поминуваат онлајн и какви содржини следат. Целта, како што рече, е контролата да остане во рацете на семејството, а не да премине во надлежност на државата.
„Тоа се приватни алатки што ги користат и родители и деца. Државната забрана би значела мешање во домашните работи на секое семејство“, додаде Андоновски.
Сепак, тој остави отворена можност за измена на законската рамка доколку јавноста го побара тоа.
„Зошто да не организираме јавна расправа и анкета за да го слушнеме мислењето на родителите“, рече министерот.



