[Галерија] „Изложба без име“ – да се подигне свеста за сајбер вознемирувањето

Две третини од девојките примиле пораки од момчиња и мажи кои содржеле разни форми на сексуално вознемирување, говор на омраза, закани и навреди. Ова го покажа анкетата на 208 девојки на возраст меѓу 18 до 25 години која ја направи Центарот за еднакви можности „Бубамара“, со цел да откријат колку од нив се секојдневно изложени на онлајн сексуално вознемирување. Резултатите ги поттикнаа активистите „Бубамара“ да ја креираат втората по ред изложба на илустрации инспирирана од темата, а именувана „Изложба без име“. Изложбата денес беше поставена во Старата скопска чаршија.

„Истражувањето го направивме минатата година во август и истото не го повторивме бидејќи сметаме дека ништо се нема изменето во начинот на кој се решава проблемот со сајбер насилството. Илустрациите содржат сатирични пораки што укажуваат дека онлајн вознемирувањето треба да се сфати сериозно од надлежните институции“, изјави Рита Бехадини од „Бубамара“ за Радио МОФ.

Бехадини додаде дека овој пат таргет група се и момчињата бидејќи има многу од нив кои сакаат и за кои „Бубамара“ смета дека треба да бидат дел од нивната кампањата за пријавување и подигање на свеста кога станува збор за сајбер насилството врз младите девојки.

Професорката Арта Селмани, која е продекан на правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа, во изјава за Радио МОФ посочи дека главен проблем со кој се соочуваат жртвите на онлајн вознемирување е што многу често се случува одреден „принтскрин“ во кој жртвата добила навредлива порака да не биде прифатен како релевантен доказ за сторено кривично дело.

„Немаме конкретно кривично дело за онлајн вознемирувањето. По „Јавна соба“, иницијативите на невладините организации и организираните протести, Министерството за правда покрена иницијатива за вметнување на процесот демнење како кривично дело што се надеваме дека ќе биде изгласана. Не дека немаме правна рамка за вознемирување, но сè уште сме многу нови во ова и многу е тешко да се докажe кога некој е вознемирен преку порака“, рече Селмани.

Фото: Радио МОФ

Изложбата утре ќе биде поставена во Тетово и Гостивар. Минатата година, „Бубамара“ ја претстави својата прва изложба, „Од инбокс, на плоштад“ поттикната од вистински пораки што биле испратени до девојки кои ги пријавиле истите во Центарот за еднакви можности „Бубамара“.

Ангела Бошкоска