Студенти и дипломирани кадри од катедрата за Меѓународни и интеркултурни студии (МИС) при Филозофски факултет – Скопје излегоа со јавна реакција по изјавата на министерката за образование и наука Весна Јаневска дека студиските програми со мал број запишани студенти „најверојатно ќе се затворат“ дадена во рамки на емисијата ,,Директно” на телевизијата Телма.
Повеќе генерации активни и дипломирани студенти на студиската програма Меѓународни и интеркултурни студии (МИС) при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, излегоа со јавна реакција по ставовите во јавноста со кои се доведува во прашање квалитетот и оправданоста на програмата.
Од МИС посочуваат дека програмата е дел од УНЕСКО катедрата за интеркултурни студии и истражувања и дека е акредитирана од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование уште во декември 2016 година, по позитивен извештај од стручна комисија. Како референтен модел при изработката на елаборатот била користена програмата за четиригодишни додипломски студии на Универзитетот „Беркли“ во САД.
Програмата започнала со работа во академската 2017 година и секоја година запишува околу 25 студенти, распоредени во државна, приватна и вонредна квота. Од Филозофскиот факултет оценуваат дека овој број е соодветен и овозможува квалитетен пристап во наставата.
МИС е единствена интердисциплинарна програма од ваков тип на УКИМ, со можност студентите да следат предмети на повеќе факултети, меѓу кои Филозофскиот, Правниот и Економскиот. Според реакцијата, ваквиот модел е во согласност со практиките на врвни светски универзитети и претставува предност, а не слабост.
Студентите нагласуваат дека во услови на хиперпродукција на дипломи и пад на академските стандарди, интердисциплинарноста треба да се поттикнува. Тие додаваат дека дипломираните кадри со звање политиколог по меѓународни и интеркултурни односи денес се активни во граѓанскиот сектор, меѓународни организации и институции во државата.
Во реакцијата се наведува дека критиките кон програмата не придонесуваат за мотивирање на младите својата академска и професионална иднина да ја градат во Македонија.
Фото: Freepik



