Застрашувачка фотографија на исклучително слаб поларен медвед во 2015 година го обиколи светот и ја отвори дебатата за тоа како климатските промени ја туркаат оваа животинска врста кон исчезнување. Иако немаше докази дека конкретната животинка била изгладнета директно поради глобалното затоплување, поларните мечки според Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) се класифицирани како ранлива категорија.
Студија од 2020 година предупредува дека до 2100 година поларните мечки би можеле да исчезнат од одредени делови на Арктикот, дури и ако се намалат емисиите на стакленички гасови.
Сепак, ситуацијата е поинаква за поларните мечки околу норвешкиот архипелаг Свалбард. Истражување објавено во списанието Scientific Reports покажува дека нивната физичка состојба се подобрила и покрај значителното топење на морскиот мраз. Температурите во Баренцовото Море околу Свалбард растат за околу два степена по деценија од 1980 година, а бројот на денови без мраз е зголемен за околу 100 во последните 27 години.
И покрај тоа, просечната телесна кондиција на возрасните мечки, мерена преку индексот на телесна маса (BCI), се зголемила по 2000 година. Научниците сметаат дека тоа се должи на обновата на копнените извори на храна, како и на полесниот лов поради концентрирање на пленот на помали ледени површини.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека понатамошното топење на мразот може негативно да влијае врз овие популации, поради поголемите растојанија до храна, што веќе е забележано кај други поларни мечки.
Извор: Mondo / Unsplash



