Ракот сè почесто не е „болест на старите“

Зошто превенцијата мора да почне рано – и зошто младите не смеат да останат надвор од разговорот е прашањето кое се поставува на Светскиот ден за борба против ракот. 

Светскиот ден за борба против ракот не е само датум во календарот. Тој е потсетник дека ракот не е „туѓа приказна“. Тој е дел од нашите семејства, од нашите пријатели, од нашето секојдневие, вели Д-р сци. Сања Саздовска, државен советник во Министерството за здравство и јавноздравствен професионалец и универзитетски наставник.

Наместо, формалности, овој ден треба да се обележува со суштински пораки. Според неа, некои од аспектите кои треба да ги вклучиме во дискурсот за канцер се:

  • Дали како општество правиме доволно – пред ракот да се случи?
  • Кога зборуваме за рак, мора да зборуваме и за младите

Мислам дека денес мораме да направиме една важна промена во начинот на кој зборуваме за ракот, истакнува Саздовска.

Иако досега во општествено беше прифатено и раширено верувањето дека ракот се јавува по 50тата година од животот, новите статистики и примери од пракса укажуваат на драстично поместување на возрасната граница кога е во прашање дијагностицирање на канцерот.

Американското здружение за рак наведува дека стапката кај помлади возрасни расте за околу 3% годишно — бројка што сама по себе е доволно алармантна. Додека Агенцијата на Светската здравствена организација — IARC — потврдува дека во последните две децении има „значителен пораст“ на ракот со ран почеток (пред 50 години), особено токму колоректалниот рак.

Сепак Саздовска нагласува дека јавното споделување на статистиките нема за цел да создаде паника, туку да создаде нова култура и да поттикне освестување на значењето и размерите на оваа медицинска и здравствена состојба.

Како експертски заклучок, може да се каже дека европскиот и американскиот пристап кон борбата против ракот нудат две комплементарни лекции што, заедно, го покажуваат патот напред. Европа јасно демонстрира дека превенцијата не е индивидуален избор, туку договор меѓу државата и граѓаните. Со јасни цели за организиран скрининг и висока ХПВ вакцинација, Европскиот план за борба против ракот ја става правичноста во центарот: шансата за рано откривање и преживување не смее да зависи од географијата, приходот или информираноста на поединецот.

Од другата страна, САД покажуваат што е можно кога науката, иновациите и инвестициите се движат со полна сила. Напредокот во персонализираната медицина, новите терапии и иницијативи како Cancer Moonshot носат реална надеж за милиони пациенти. Но американското искуство истовремено потсетува дека научниот пробив сам по себе не е доволен, ако пристапот до тие достигнувања не е еднаков за сите.

Вистинскиот одговор, заклучува Саздовска, лежи во спојот на овие два модели: европската системска превенција и солидарност, заедно со американската научна храброст и иновација. Само така борбата против ракот може да биде и ефикасна и правична.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица во Македонија од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст.

Министерот го лоцира проблемот во конзумирањето на тутун 

Според министерот за здравство Азир Алиум употребата на тутун е водечка причина за рак кој може да се спречи.

Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и квалитетот на животот, и токму на Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.

 

Насловна фото извор: Pexels.com