[Став] Да не ја заборавиме пандемијата

Пишува: Вилиам А. Хаселтим

Бидејќи експертите за јавно здравје и меѓународните организации повеќе не сметаат дека КОВИД-19 претставува непосредна глобална закана, пандемијата веќе почна да изгледа како бледо сеќавање. Меѓутоа, ако ги заборавиме лекциите што со мака ги научивме изминатите три години, ќе бидеме неподготвени да се справиме со идни катастрофи.

Владата на претседателот Џо Бајден официјално го прогласи крајот на националната здравствена вонредна состојба во САД и на 11 мај престанаа да важат и последните рестрикции поврзани со пандемијата. Некои земји веќе презедоа слични чекори, а се очекува и други да го следат примерот. Со оглед на тоа што Светската здравствена организација повеќе не смета дека КОВИД-19 е основ за глобална здравствена вонредна состојба, се чини дека вирусот и огромниот број животи што ги однесе наскоро ќе исчезнат од сеќавањето, заедно со маските N95 и PCR тестовите. Меѓутоа, ова колективно заборавање ги загрозува напорите да се обезбеди конзистентно финансирање за јавното здравство.

Нашата способност да заборавиме нешто толку катастрофално како пандемија делумно претставува механизам за справување, како одраз на емоционалниот имунолошки систем што ни овозможува да продолжиме со нашиот вообичаен начин на живот. Колку и да се разорни последиците од пандемијата врз општеството и економијата, таа остави неизбришлива трага само на релативно мала подгрупа од населението што ги вклучува луѓето чиишто најблиски го загубија животот, здравствените работници и другите кои обезбедуваат суштински јавно-здравствени услуги, луѓето со загрозен имунитет и оние кои се соочуваат со долготрајна клиничка слика на КОВИД или имаат други поврзани здравствени проблеми.

Иако трагичните настани често нè инспирираат да воведеме некакви измени односно реформи, нашата волја да дејствуваме често е краткотрајна и затоа е тешко да се постигнат трајни промени. Ваквиот шаблон на однесување особено е видлив во известувањето на медиумите и во трендовите на пребарување на Google по трагедии како што се масовни убиства, цунами и земјотреси, каде обично се гледа почетен наплив на интерес кој постепено исчезнува како што минува времето.

За човечкиот мозок да создаде сеќавања и да ги задржи, мора да помине низ сложен процес кој вклучува повеќе меѓусебно поврзани фази, како што се кодирање, консолидација и извлекување. Кога ќе добие нови информации, нашиот мозок ги обработува со модифицирање на невроните во хипокампусот, клучниот центар за меморија, заедно со други региони како амигдалата, која ги регулира емоционалните спомени. Заедно, овие неврони формираат физичка претстава на меморијата наречена енграм.

Значителен дел од информациите со кои се среќаваме може да се изгубат ако не се подложени на консолидација на меморијата, што често се случува за време на спиењето и помага да се стабилизираат и долгорочно да се задржат сеќавањата. За време на овој процес, хипокампусот ефикасно го „репризира“ сеќавањето, кое потоа се дистрибуира до кортикалните неврони за продолжено складирање. За време на последната фаза, извлекувањето сеќавања, невроните одговорни за реконструкција во хипокампусот и кортексот повторно се активираат.

Секојдневно сме бомбардирани со огромна количина информации што нашиот мозок се бори да ги задржи. Имајќи предвид дека заборавањето и сеќавањето се нераскинливо поврзани, оваа „инфодемија“ дополнително ја влошува нашата тенденција за заборавање. Покрај тоа, процесот со кој нашиот мозок го проценува ризикот е многу личен и под влијание не само од податоците, туку и од нашите лични предрасуди и потреби.

Како што КОВИД-19 бледнее од нашата колективна свест, се потсетуваме зошто толку многу луѓе сакале што поскоро да ја заборават пандемијата на инфлуенца од 1918 година и да ги прифатат радостите и ризиците од громогласните 20-ти години од 20 век. Но, колективната амнезија е ризик дека ќе останеме крајно неподготвени за идни епидемии на болести што се пренесуваат преку воздух, принудувајќи нè повторно да научиме основни лекции за важноста на носење маски, проветрување и префрлање на активностите на отворено за да се спречи преносот.

Во пандемијата од 1918 година се заразила третина од светското население, над 50 милиони луѓе го изгубиле животот, што е повеќе од збирот на воени жртви од Првата и Втората светска војна. Сепак, и покрај огромните човечки загуби, нема спомен-обележја или денови за сеќавање на неговите жртви. Пред 2020 година, ако ги прашавте луѓето кој бил најсмртоносниот настан во дваесеттиот век, малкумина би одговориле дека тоа бил вирусот. Дури неодамна, историчарите како Гај Бејнер почнаа да го истражуваат овој модел на заборавање. Без обреди за помнење со кои се прави комеморација на милионите животи изгубени поради КОВИД-19, под ризик сме да ни се повтори целиот овој циклус.

Луѓето често имаат попозитивен поглед кон иднината отколку минатото, како начин за градење психолошка отпорност. Оваа пристрасна позитивна наклонетост кон иднината се јавува затоа што, за разлика од неменливото минато, иднината нуди бескрајни можности. Меѓутоа, нашата тенденција да гледаме напред, исто така, го попречува напредокот за прашања како што е подготвеноста за пандемии, бидејќи нè тера да веруваме дека сме поподготвени отколку што сме.

Бројни академски тела, експертски групи, организации за јавно здравје и влади објавија детални препораки за тоа како да се подобри подготвеноста за пандемијата, но немаше координирани и сеопфатни напори за нивно спроведување. Три години по почетокот на пандемијата, сè уште немаме јасни објаснувања за тоа зошто нашите агенции за јавно здравје немаат доволно персонал и финансии, зошто не успеаја синџирите на снабдување, зошто беше дозволено да се шират дезинформации за КОВИД-19 на платформите на социјалните медиуми и на телевизиските информативни канали. и зошто нашите јавно-здравствени одговори и натаму се реактивни наместо проактивни.

За да бидеме подобро подготвени за идни пандемии, истакнати медицински и научни фигури во САД предложија да се создаде Национална работна група за пандемијата со КОВИД-19, следејќи го истиот модел на Комисијата за 11 септември, но предлозите пропаднаа во Конгресот. Соочени со други кризи, се чини дека многумина повеќе би сакале да заборават на уништувањето што нашите општества го претрпеа поради пандемијата и да се вратат во „нормала“.

Но, колку и да е тешко да се прекине циклусот на нормализација што ни овозможува да заборавиме на трагедиите како што се масовните убиства и пандемиите, таков прекин ни е неопходен. Мора да признаеме дека нашата пристрасност ги загрозува нашите животи и животите на идните генерации. Постојат јасни патокази за јавни политики засновани на докази кои би можеле да ни помогнат да го намалиме насилството со оружје и да ја подобриме подготвеноста за пандемии, потенцијално спасувајќи безброј животи и спречувајќи неизмерно страдање. Меѓутоа, за успешно спроведување на овие мерки, мора да ја избегнеме замката на меѓусебни поделби и пренасочено внимание.

На Ирска ѝ требаа повеќе од 150 години за да изгради споменици и музеи за последиците од Големиот глад од 40-тите години од 19 век. Не можеме да дозволиме да се случи истото со КОВИД-19. За да извлечеме поука од пандемијата, мораме да ги овековечиме последиците што сега ги сведочиме, да прогласиме денови за помнење, да ги ажурираме училишните и универзитетските наставни програми, да поставиме постојани музејски експонати и да изградиме споменици. Нашата способност да се сеќаваме на минатото може да влијае на милијарди животи во иднина.

*Вилиам А. Хаселтин е научник и претприемач во областа на био-технологија и е експерт за заразни болести, како и претседавач и претседател на глобалната експертска група за здравство ACCESS Health International.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.