Младите се движечката сила во секое општество, иднината и надежта за подобро утре. Од односот на институциите, општеството и власта кон младите може да се согледа сериозноста, одговорноста и грижата за иднината. Инвестицијата во услови кои го подобруваат квалитетот на животот помеѓу младата популација се долгорочни и ефикасни во поглед на создавање функционален систем кој ќе го превенира еден од најгорливите проблеми на современието, а тоа е масовниот одлив на мозоци од Македонија.
Во потрага по функционален систем, услови и можности за индивидуален развој и реализација, младите често се изјаснуваат дека иднината ја гледаат надвор од Македонија. Таков наратив се провлекува и во медиумите, а политичките структури често го фокусираат своето внимание во креирањето на политиките токму во превенција на масовната емиграција и останатите демографски проблеми со кои се соочува македонското општеството.
За темите кои ги интересираат младите во Скопје, за нивните секојдневни потреби, како и за недостатоците во јавниот и културниот простор на Скопје, но и неговиот одговор и понудени решенија за тековните препознаени проблеми од јавен интерес, за Радио МОФ говори градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Често од младите лиѓе можеме да слушнеме “Во оваа држава најдобро е да си пензионер”. Младите често забележуваат дека институциите за социјална заштита, локалната самоуправа и сл. Подгптвуваат програми за очеснување на животот на пензионерите – од бесплатни автобуски линии, преку покачување на пензии и сл. Нас не интересира кој е конкретно вашиот план за младите во Скопје, подготвувате ли некое олеснување за нив, студентски стипендии, отворање на нови читални можеби и што конкретно ќе преземете за подобрување на условите за младите во Скопје?
-Најпрво, наративот дека Скопје е град само за пензионерите мора да се промени – и веќе го менуваме. И Градот Скопје и Владата силно работат на тоа младите да бидат во фокусот на политиките, не само како корисници, туку како активни креатори на иднината.
Во мојата програма, која ја креиравме заедно со младите, токму тие се еден од најголемите приоритети. Пред неколку дена го отворивме Младинскиот хаб на Град Скопје – современ простор каде младите ќе можат да се едуцираат, да создаваат, да ги споделуваат своите идеи и да добијат стручна поддршка за личен и професионален развој. Тоа е нивно место, нивна шанса и нивна платформа.
Паралелно, работиме на долгорочна визија за образованието до 2045 година, со цел да создадеме отворен, инклузивен и модерен образовен систем кој одговара на предизвиците на 21 век. Ќе вложуваме во модерни наставни програми, дигитална трансформација на училиштата, подобра инфраструктура и континуирана едукација на наставниот кадар.
Посебен акцент ставаме на интеграцијата на вештачката интелигенција во наставата, како и на развој на STEM и STEAM програми, роботика, дигитални технологии и креативни алатки кои ќе ја поттикнат иновативноста и самодовербата кај младите. Нашата цел не е само да ги подготвиме за пазарот на труд, туку да создадеме генерации што знаат да размислуваат, да создаваат и да решаваат проблеми.
Дополнително, младите ќе бидат активно вклучени и во креирањето на Генералниот урбанистички план преку јавни дебати, консултации и младински форуми. Градот мора да се планира според потребите на идните генерации, а не без нивно учество.
Во насока на здрав и активен живот, веќе подготвуваме проекти за нови спортски терени, фитнес зони на отворено и современи спортски содржини. Тука е и Луна паркот, чија реализација започнува наскоро, по години празни ветувања и генерации што растеа без ваква содржина во градот.
Планираме и пренамена на неискористените општински објекти во младински центри и мултифункционални простори – за едукација, култура, креативност и дружење. Тоа е паметно користење на јавниот имот и директна инвестиција во младите и нивните заедници.
Понатаму, создаваме мрежа на локална културна инфраструктура со нови културни зони, креативни хабови, мултимедијални сали и простори за независната сцена, со посебен фокус на младинските иницијативи. Целта е културата да биде достапна во сите делови на градот, а младите да добијат простор да се изразат и развиваат.
Младите не се маргина во нашите политики – тие се наш најсилен фокус.
Скопје го градиме како град на можности, град во кој младите ќе сакаат да останат, да создаваат и да ја градат својата иднина тука.

Долго време Градското кино Милениум не е во функција, а граѓаните немаат одговори кога и дали воопшто ќе биде повторно во функција. Што е Вашиот план за грададското кино и ќе има ли уште некои културни центри за подобрување на културниот живот кај младите?
– Во повеќе наврати досега јавно сум кажал дека културата и културната инфраструктура се важен дел од визијата за Скопје каков што го градиме. Градското кино „Милениум“ е објект со силна симболика и со години е надвор од функција, и сосема е оправдано граѓаните да бараат јасен одговор што понатаму.
Во согласност со мојата изборна програма, која предвидува ревитализација и повторно активирање на постојните културни капацитети, за „Милениум“ веќе е направен увид во состојбата на објектот, за да имаме реална слика со што располагаме и какви интервенции се потребни. Моја заложба е да не носиме импровизирани одлуки, туку решенија кои ќе бидат одржливи и долгорочни.
Предвидено е објавување јавен повик за изработка на проектно решение за реконструкција и нова намена на Градското кино, а воедно е обезбедена и донација наменета за изработка на проектната документација. Ова е пристап што го применуваме и на други полиња транспарентно, со јасни чекори и со вклучување на стручната јавност.
Целта е Скопје да добие функционални, отворени и живи културни простори, а „Милениум“ повторно да стане место кое ќе го поврзува градот со современите културни текови. Тоа го правиме чекор по чекор, одговорно и со јасен план, а не со празни ветувања.
Може ли скопјани да очекуваат повторно ставање во функција на јавниот градски тоалет?
– Апсолутно, нема повеќе да дозволам неажурноста да создава лоша слика за градот, како за скопјани, така и за туристите кои секојдневно го посетуваат. Јавните градски тоалети повторно ќе бидат ставени во функција и тоа е дел од поширокиот проект „Скопје – уредено, ускладено и убаво“, со кој воведуваме систем, ред и современ изглед во целиот град.
Станува збор за визионерска програма чија цел е Скопје да стане функционална, чиста и естетски уредена урбана средина, достапна за сите граѓани, без разлика каде живеат или каков им е социјалниот статус.
Врз основа на Стратегијата за развој на јавниот простор, ќе спроведеме целосно стандардизирање на комуналната инфраструктура. Сите клупи, канти за отпадоци, јавно осветлување, тенди, чадори и натстрешници ќе добијат унифициран дизајн, квалитетни материјали и современ изглед, со што ќе создадеме визуелна хармонија и препознатливо Скопје.
Кантите за отпадоци ќе бидат поставени таму каде што навистина се потребни, за подобра хигиена и почисти улици. Клупите ќе бидат удобни и пристапни за постарите лица и лицата со попреченост, а осветлувањето ќе биде безбедно и енергетски ефикасно.
Посебен и многу важен сегмент од проектот се јавните тоалети. Тие ќе бидат целосно реконструирани или новоизградени според современи европски стандарди, со постојано одржување, редовна хигиена и јасно дефиниран систем на управување. Ќе бидат пристапни за лица со попреченост, опремени со модерна санитарна опрема, безбедносни решенија и јасна сигнализација.
Јавните тоалети ќе бидат стратешки поставени на најфреквентните локации – во центарот на градот, во парковите, во близина на јавни институции, туристички атракции и пешачки зони за да бидат секогаш достапни кога им се потребни на граѓаните и посетителите.
Со ова Скопје конечно ќе добие урбан комфор каков што го имаат европските градови – чист, уреден и функционален јавен простор што служи на луѓето.

Дали се планира и на територија на Град Скопје поголеми контроли за присуство на малолетници во кладилници и казни и има ли градската власт надлежности и решенија за сузбивање на порочниот живот помеѓу помладата популација?
– Контролата на објектите од типот на кладилници и казина, како и санкционирањето за присуство на малолетни лица, не е во директна надлежност на Градот Скопје, туку на надлежните државни институции и инспекциски служби. Сепак, Градот Скопје е во постојана и активна координација со ресорните министерства и надлежните органи со цел да се зајакнат контролите и доследно да се применува законот.
Пристапот не треба да се сведува само на казнување, туку и на превенција. Во наредниот период ќе иницираме јавни дебати, едукативни работилници и кампањи за подигнување на свеста за штетноста од порочните навики, со посебен фокус на младата популација.
Паралелно, силно ќе вложуваме во спортот, едукацијата и квалитетното слободно време за младите – преку нови спортски терени, рекреативни содржини, културни програми и младински центри. Нашата цел е младите да имаат здрави алтернативи, простор за развој и можности кои ќе ги одвлечат од пороците и ќе ги насочат кон позитивни вредности.
Веруваме дека само со заедничка акција на институциите, семејствата, образовниот систем и локалната самоуправа, може да влијаеме ефективно да се сузбие овој проблем и да се создаде безбедна и здрава средина за младите во Скопје.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов за © Радио МОФ



