Безбедноста на новинарите е еден нашите врвните приоритети и Министерствното за внатрешни работи е максимално посветено на ова поле, соопштуваат од МВР.
„Во таа насока потпишан е меморандум за соработка со Здружението на новинари на Македонија, имаме одредено Национална фокална точка и локални фокални точки во склоп на кампањата на Советот на Европа за Заштита на новинарите, а континуирано се одржуваат и работилници и обуки на кои учествуваат полициски службеници, новинари и обвинители. Соработката со Обвинителството и ЗНМ е на највисоко ниво, а заеднички изработивме и прирачници за справување со можните предизвици околу безбедноста на новинарите“, соопштува МВР.
Од таму посочуваат дека слободата на изразување и слободата на медиумите се основни демократски вредности загарантирани со Уставот на Македонија, Европската конвенција за човекови права и со меѓународните стандарди. Новинарите, велат од МВР, имаат клучна улога во информирањето на јавноста и во вршењето на својата професионална должност придонесуваат за отчетноста на институциите, владеењето на правото и заштитата на човековите права.
„Република Северна Македонија, како земја членка на Советот на Европа и како држава која се стреми кон полноправно членство во Европската Унија, има обврска и интерес да обезбеди безбедна и поволна средина за новинарите. Советот на Европа во 2016 година ја усвои Препораката за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери, која утврдува четири клучни столба: превенција, заштита, гонење и промоција на свесност и образование. Дополнително, во 2023 година започна европската кампања ‘Новинарите се важни’ (Journalists Matter) со цел зајакнување на националните механизми за заштита на новинарите“, велат од МВР.
Според МВР, формирањето на Националниот комитет за заштита на новинар(к)и ќе биде системско унапредување на медиумската слобода и безбедноста на новинарите.
Целта на Комитетот, меѓу другото, ќе биде да обезбеди координација помеѓу институциите, медиумските организации и граѓанскиот сектор.
Понатаму, да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, да изработи Национален акциски план за заштита на новинарите во согласност со европските стандарди, исто така да предложува мерки за превенција, заштита, гонење на сторители и подигање на јавната свест, како и да ја поддржува примената на кампањата „Новинарите се важни“.
„Формирањето на Национален комитет за заштита на новинари претставува чекор напред кон обезбедување на безбедна средина за работа на новинарите и медиумските работници, со што се зајакнува демократијата, владеењето на правото и европската перспектива на Република Северна Македонија“, соопштува МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на 2025 година, во која, како што велат, на национално ниво продолжила институционалниот ангажман во насока на унапредување на безбедноста на новинарите, со редовна комуникација и координација меѓу релевантните институции.
Во текот на годината редовно се вршеа консултации насочени кон следење на пријавените „случаи поврзани со закани и напади врз новинари, размена на информации меѓу надлежните институции, унапредување на соработката со новинарските здруженија и медиумските работници и друго. Активностите беа насочени кон навремено реагирање, подобрување на превентивните механизми и зајакнување на довербата меѓу новинарите и институциите. МВР во соработка со надлежните институции, воспостави јасни и функционални протоколи за постапување во случаи на напади или закани кон новинарите. Министерството за внатрешни работи, во соработка со ЗНМ, веќе неколку години води регистер на напади врз новинари, јавно достапен на веб-страницата на МВР. Изработен е и Прирачник за безбедност на новинарите, а редовно се спроведуваат обуки и едукативни активности со цел зајакнување на превенцијата и меѓусебната соработка“, потсетуваат од МВР.
Во врска со онлајн вознемирувањата, особено на жените новинарки, велат од МВР, биле преземени чекори за зголемување на свесноста за специфичните ризици со кои се соочуваат жените новинари, особено во однос на онлајн вознемирување и родово базирани закани.
„Во Секторот за компјутерски криминал при МВР е назначена контакт точка, со цел побрзо и поефикасно справување со ваквите случаи односно за брзо реагирање. Новинарките може директно да се обратат или преку Здружението на новинари на Македонија, а за секој пријавен случај веднаш се преземаат мерки за расчистување“, посочува МВР.
Исто така, додаваат оттаму, организирани се активности, средби, обуки и работилници на кои учествувале претставници од МВР, како и голем број на медиумски работници, новинари на кои се разгледувале начините за зголемување на соработката меѓу полицијата и новинарите, градење меѓусебна доверба и разбирање, како и начинот на доставување на информациите и нивно пренесување во јавноста, особено за чувствителни теми.
„Во тој контекст, една од заедничките работилници беше и ‘Етичко и родово сензитивно известување за трговија со луѓе и родово засновано насилство во институциите и медиумите“ која се одржа во Скопје. Соработката со медиумските работници, односно новинарите, градењето на сигурна и цврста меѓусебна партнерска нишка како и нивната безбедност, за МВР е еден од врвните приоритети“, стои во соопштението на МВР.



