Амстердам планира да ги забрани фетбајковите поради пораст на бројот на сообраќајни несреќи

Eлектричнитe велосипеди со дебели гуми т.н. фетбајкови, се голем ризик за децата на возраст од 12 до 15 години, кои сочинуваат голем дел од случаите во итната медицинска помош во Холандија, па тоа е причина властите да ги забранат за употреба во некои делови во државата, пренесува „Гардијан“. 

Хенк Хендрик Волтерс (69), возач на ваков велосипед вели дека е бесмислена идејата да се забрани употребата на овие превозни средства.

„Возам автомобил, возам мотор, сум имал мопед, а сега возам фетбајк. Ова е најбрзото превозно средство во градот и треба да може да се користи“, вели тој.

Сè поголем број експерти за безбедност во сообраќајот, лекари и политичари во Холандија не се согласуваат со него. Иако моторната сила кај електричните велосипеди е ограничена на нешто повеќе од 25 км/ч, многу возачи на фетбајкови ги модифицираат фабричките поставки за да достигнат брзина до 40 км/ч.

Организацијата за безбедност „Веилигајд НЛ“ проценува дека околу 5.000 возачи на фетбајкови годишно завршуваат во болница поради сообраќајни несреќи.

„Гледаме дека токму младите на возраст од 12 до 15 години имаат најмногу несреќи“, изјави портпаролот на организацијата, Том де Беус.

Во меѓувреме, шефицата за транспорт во Амстердам, Мелани ван дер Хорст, изјави дека се потребни „неконвенционални мерки“ и најави дека ќе ги забрани овие тешки електрични велосипеди во градските паркови, почнувајќи од Вонделпарк. И во градот Енсхеде се подготвува забрана во центарот на градот, а ван дер Хорст вели дека има барања во кои граѓаните „ја молат да ги забрани фетбајковите“.

Мета.мк